Културен настан во Тетово во чест на уметникот Павле Кузмановски

Фото Мета.мк

Доделувањето на највисоката национална награда за животно дело „11 Октомври“ на академскиот сликар Павле Кузмановски, беше одбележано со културен настан во негова чест во Тетово.

Организаторот на настанот, Даријан Сотировски со кратко обраќање му се заблагодари на Кузмановски за неговата дејност и дело поканувајќи го да одржи говор.

„Како млад човек во ова општество сведочам за човек со силно изразена морална одлика како вистински права вредност, уважен уметник кој долги години плени. Со своите „Сведоци“ мене ме остава без зборови. Урбаните пејзажи на старо Тетово и Шар Планина се антологија. Кузмановски е доказ за постоењето на културни дејци на овие простори. Како тетовчани се гордееме и ја споделуваме радоста што нашиот маестрален сограѓанин е добитник на најпрестижното државно признание со што се става круна на неговата многу децениска работа и творештво. Ја имате целосната поддршка на Вашиот роден град“ истакна Даријан Сотировски.

Сотировски е и подносител на иницијативата за пријавувањето на академскиот сликар Павле Кузмановски за оваа награда.

„Од се срце му се заблагодарувам на г-динот Даријан Сотировски што ја покрена оваа иницијатива што позитивно заврши и благодарам на сите кои ја споделија веста“, се обрати уметникот Павле Кузмановски.

„Се надевам дека низ повеќе од педесет годишното творештво можам да кажам дека само со напорно, непрекинато, чесно и стрпливо работење врз она што сте го одбрале во животот ќе можат да се постигнат резултати“ порача тој.

Како дел од програмата, настапуваше и женскиот хор „Менада“ под диригенство на маестро Ивица Зориќ, тетовското трио „Шербет“ и виолинистките Драгана Марковиќ и Марија Јованоска, апсолвенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во духот на празникот, настанот заврши со химната на слободата и отпорот „Bella ciao“ во изведба на виолина.

Фото Мета.мк

Павле Кузмановски е роден во 1939 година во Тетово. Од најрана возраст покажувал афинитети кон уметноста. Во 1959 година го завршува своето стручно образование во средното уметничкото училиште во Скопје. Дипломира на престижната Академија за Применети уметности во Белград. Подоцна станува стипендист во градот Анже, Франција каде продолжува со неуморно творење.

Кузмановски има одржано изложби во и надвор од националната сцена во градовите Париз, Берлин, Њујорк, Нинберг и други. Добитник е на многу признанија и награди, за неговата обемна биографија е снимен филм од Македонската радио телевизија, што говори за животниот пат на неговата висински уметничка душа.