За еден од од осуммината осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, кој повеќе дена беше недостапно на органите на прогонот, а вчера беше уапсен на граничен премин, Основниот кривичен суд Скопје определил мерка куќен притвор.
„Основното јавно обвинителство Скопје ќе вложи жалба на ваквата одлука“, соопштија од Јавното обвинителство.
За упадот во М-НАВ во бегство се уште три лица, а петмина се во домашен притвор. Меѓу нив е и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на чаирскиот огранок на ДУИ.
Првично, иако обвинителството бараше ефективен притвор, судијата на претходна постапка на осомничените им одреди само мерки на претпазливост. По жалбата од обвинителството, Кривичниот совет ја преиначи мерката, но не им определи ефективен, туку домашен притвор и мерки за претпазливост.
Од Основното јавно обвинителство вчера изјавија дека и покрај тоа што Основниот кривичен суд Скопје информирал дека во предметот за случувањата во М-НАВ советот определил мерки куќен притвор за четворица осомничени, а „против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата“, сепак Законот за кривична постапка не дозволува обвинителството да се жали на донесените решенија.
Од Кривичниот суд информираа дека според сите досега доставени факти и податоци, упадот не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата.
Инцидентот во М-НАВ се случи минатата недела, кога осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје и нападнаа контролор на летање, а откако Синдикатот на контролорите на летање се „крена на нозе“ поради несоодветна селекција на оглас за нови вработувања.