fbpx

Коѕиас бара македонската влада да престане со идеите за „Голема Македонија“

-

Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, продолжува да го промовира ставот дека македонската влада мора да ги надмине иредентистичките тенденции за да може да се најде решение за спорот за името. За време на говорот на колеџот „Сент Антонис“ на Оксфорд, Коѕиас во контекст на грчката надворешна политика спомена дека Грција прави напори и дава предлози за решавање на спорот за името, но ништо од тоа не би можело да се оствари доколку македонската влада не го смени ставот.

– Имаме дадено многу интересен предлог за начинот, за процесот за решавање на спорот за името со пријателската соседна држава. Но, главно е таа да ги надмине иредентизмот и шовинистичките планови за една „голема БЈРМ“ – спомена тој во говорот во Оксфорд.

Грчкиот шеф на дипломатијата забележа дека Грција работи во насока на тоа Македонија да опстојува во мир и во стабилност и посакува да ја види во сите меѓународни институции со решени проблеми. Спомена дека Грција ги има предложено мерките за градење доверба со Македонија, како и дека грчките влади досега имаат направено бројни предлози за решавање меѓусебниот спор и имаат направено голем компромис во споредба со постарите позиции. Индиректно, Коѕиас алудираше на тоа дека Грција ги има направено сите неопходни чекори за да може да се дојде до компромис и се чека на чекор од македонска страна.
Тој спомена дека македонската влада се соочува со сериозни проблеми со демократијата и со непочитување на европските вредности.

– Ние сме мирољубива сила, ризикуваме и во добри и во тешки моменти за да се заштитат и да се одбранат меѓународното право, функционирањето на владеење на правото и европската култура на компромис. Овие принципи недостигаат во однесувањето и во делата на владата на поранешната југословенска Република Македонија – истакна грчкиот министер.

Тој повторно забележа дека вината за ваквото однесување од македонска страна делумно се должи на ставот на западните сили кон Македонија, односно фактот дека ја имаат разгалено македонската влада. Според него, погрешен е ставот на меѓународната јавност која при секоја криза во Македонија предлага што побрз прием на земјата во ЕУ и во НАТО, намалувајќи ги условите за влез, однесување кое, според Коѕиас, има доведено до влошување на бескомпромисната позиција на македонската влада кон Атина.

– Веруваме дека некои го научија Скопје да не комуницира, да не работи во насока на разбирање и на компромис со соседите, бидејќи тие отстрана ќе притиснат. Други го научија да не прави компромис внатре во државата со албанската заедница бидејќи тие ќе ги доведат во ред. По сите вакви избори, логично е дека владата на оваа држава нема да може сама да ги направи потребните компромиси и разбирања – додаде Коѕиас, кој во втората половина на јуни планира да ја посети Македонија за да разговара за билатералните проблеми и за финиширање на мерките за градење доверба.

Грчкиот весник „Катимерини“ коментира дека Македонија полека станува фактор на дестабилизација на Балканот. Според весникот, од една страна, македонската влада не покажува желба да се реши политичката криза, а, од друга страна, дава експлозивни предлози како предлогот на претседателот Ѓорѓе Иванов за побрз прием на Македонија во НАТО и под референцата БЈРМ за да се забрза приемот во европските и во атлантските институции, кои никако не би биле прифатени од грчка страна.

„Предлогот на претседателот Иванов државата веднаш да почне пристапни преговори со ЕУ, спорот за името да е последното поглавје и да биде примена во НАТО под привремената референца, покрена бројни прашања. Меѓутоа, ЕУ како услов за почеток на преговори го има поставено решавањето на спорот за името. Јасно е дека предлозите на Иванов не можат да бидат прифатени од Атина“, се вели во анализата на „Катимерини“.

Според весникот, иако сите светски сили бараат смирување на политичката криза и нормализирање на политичката ситуација во Македонија, сепак е нејасно дали предлозите на Иванов имаат поддршка од светските сили или, пак, се нова стратегија на владата во Македонија за дискусијата да се префрли од внатрешните на надворешнополитичките проблеми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕИБ: Нема доволно податоци од регионалните претпријатија за да се процени нивниот импакт на околината

Според ново истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ), малите и средните претпријатија во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) не објавуваат доволно информации во однос на ЕСГ, мерка со...