fbpx

Контраспин: Нема силни аргументи дека СДСМ има најголем коалициски потенцијал

И да состави влада со некои од победничките партии во албанскиот блок, на таа идна владејачка коалиција ќе ѝ требаат уште пратеници, да претпоставиме најмалку уште 20-тина, за да има двотретинско мнозинство за промена на Уставот

-

Децидната изјава на Ковачевски дека СДСМ има најголем коалициски потенцијал нема силни аргументи за да биде потврдена како факт. Историјатот на создадени и растурени коалиции од 2016/17 до сега што ги направи СДСМ за да обезбеди мнозинство во Собранието, големите отстапки што ги направи во однос на т.н. „црвени линии“, падот на рејтингот до степен да е тешко да се надева на мандат за да го покаже својот „коалициски потенцијал“…сето тоа укажува дека тврдењето е извртена вистина, т.е. спин, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски, изрече став во кој има елементи на спин, а кој е доста често повторуван во јавноста:

Спин: СДСМ има најголем коалициски потенцијал за претстојните парламентарни избори. Верувам дека оваа коалиција повторно ќе победи на изборите, ќе формира Влада со која ќе станеме членка на Европската Унија, а Стево Пендаровски повторно ќе биде Претседател на државата, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју на вестите на Македонската радио телевизија (МРТ)…

[Извор: СДСМ – Ковачевски/Соопштение, датум: 25.03.2024]

Контраспин: Лидерот на СДСМ и екс премиер Димитар Ковачевски децидно тврди дека неговата партија има најголем коалициски потенцијал за претстојните парламентарни избори и дека тоа ќе резултира со идна влада – тврдење што содржи во себе извртување на вистината, т.е. спин.

Спинот се состои во тоа што ниту досегашниот коалициски состав на СДСМ, уште помалку евентуалниот нареден, не обезбедува аргументи дека тврдењето е точно и потврдено.

Досега, во изминатите седум години владеење СДСМ и неговата коалиција од партии, заедно со ДУИ, како две стожерни партии обезбедуваа мнозинство за состав на владата. Носени на бранот на промените и силното негодување од резултатите на 11 годишното владеење на владите на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, преку процесот на Пржинските договори, СДСМ и ДУИ со нивните коалициони партнери успеаја да состават влада на 1 јуни 2017 година и тоа по драматичните настани од 27-ми април, кога беше направено мнозинство во Собранието и за претседател беше именуван Талат Џафери. Но, може да се каже дека тогашниот партнер ДУИ до последен момент се премислуваше дали да ја продолжи коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години од 2006 г. до 2016 г., со еден мал прекин, и повторно да состават нова влада. Или, пак, да се повинува и на резултатите во албанскиот блок, кој покажа за прв пат силен опозициски набој и незадоволство и му одзеде на ДУИ на тие избори дури 9 пратеници, така што од претходните 19, ДУИ заврши со 10. Сè уште се свежи сеќавањата на февруарските настани кога Груевски во Белата палата до последниот момент се надеваше дека ќе му дојде позитивен абер од Али Ахмети за да ја продолжат коалицијата.

 

Седум години ситнење на коалицискиот потенцијал

На крај, првата влада на Зоран Заев ја составија СДСМ со коалицијата со вкупно 49 освоени пратеници, ДУИ со своите 10 и Алијансата на Албанците со 3 пратеници.

Поминаа седум години, а историјата покажа дека коалицискиот капацитет на СДСМ полека се ситнеше, посебно кај албанските политички партии, па така низ владата за да биде обезбедено мнозинство мина речиси целата денешна опозиција од албанскиот блок по системот влези излези, а целиот тој процес и според исказите на политичарите на тие партии и според аналитичарите се чини го водеше ДУИ. На крајот во процесот во 2023 г. се врати АА со тројца министри, на еден помалку нечесен начин кон  Алтернатива на Африм Гаши – за да бидат буквално сменети од позицијата двајца пред еден месец на инсистирање на ДУИ, бидејќи и Азир Алиу и Фатмир Меџити застанаа зад Арбен Таравари, додека Кренар Лога остана со Зијадин Села, со што остана и министер за правда.

Како што може да се види, СДСМ смени многу помали партии како коалициски партнери, со што си ги намали шансите во нивни идни партнери, а во исто време, неколку посериозни помали партии, пред сè, тука се мисли на Демократскиот сојуз и на Достоинство го напуштија СДСМ и во основната коалиција со која обезбедија 49 пратеници во 2016 година. 

 

Потенцијалот за преговорите со ЕУ е неспорен, ама тешко до него

Коалицискиот потенцијал со албанските партии за да може да се надева на составување на Влада, зависи од исполнување на многу непознати полиња.

Првото, се разбира е СДСМ да освои доволно голем број пратенички места, што според досегашните анкети на јавното мислење се чини е невозможна мисија. Вториот услов е коалицискиот потенцијал да се однесува на безусловна промена на уставот и внесување на бугарското малцинство, со цел веднаш да се отвори првото поглавје од преговорите со ЕУ. Тука има уште две непознати.

Бидејќи и да состави влада со некои од победничките партии во албанскиот блок, на таа идна владејачка коалиција ќе ѝ требаат уште пратеници, да претпоставиме најмалку уште 20-тина, за да има двотретинско мнозинство за промена на Уставот. За да се надева на такво нешто, таа идна претпоставена коалициска влада предводена од СДСМ, треба да смета на уште најмалку две црвени линии искажани во досегашниот тек на предизборниот процес.

Промена на начинот на избор на претседател на државата, воведување и заменик претседател – услов што го поставија како прилично цврст и ДУИ и партиите од албанската опозиција. И второ, промена на уставните одредби и замената на „јазикот што го говорат најмалку 20-те проценти“ од малцинството во земјата со албанскиот јазик – речиси ултимативно барање и на Алијансата и на Беса, со што би се отвориле и другите барања кои би воделе кон федерална, а не унитарна држава, како што е, на пример, дводомен парламент и други уставни промени.

Иако е позната историјата на отстапки или одложувања од барањата кога ќе дојде време за коалиција, сепак е многу потешко кога ќе дојде време за коалиција што би овозможила 80 пратеници за промена на уставот.

Оттука, поради погоре изложените аргументи, да се тврди дека коалицискиот потенцијал на СДСМ на овие избори е најголем, е извртување на вистината или спин. Тоа не значи дека оној на политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ е посилен, но има една предност – добри прогнози за освојување на најголем број пратеници на парламентарните избори.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...