Фото: Арбнора Мемети

ЕУ мора и во меѓународните односи и во решавањето на споровите да ја наметне својата улога на фактор кој ги придвижува работите, како суверен субјект што има своја стратешка автономија. Притоа, Унијата треба да се обиде да го поттикне почитувањето на нејзините вредности во различни делови на светот, како човековите права и безбедноста, да дава солидарност и поддршка онаму каде што е потребна. Во последните 10 години, иако тоа не беше лесно поради разнородните сфаќања за безбедноста и интересите кај сите земји-членки на ЕУ, сепак Унијата полека се обединуваше во својот стратешки компас и ја зајакнуваше улогата како меѓународен фактор и остатокот од човештвото веќе ја смета за помагач.

Со оваа дефиниција за улогата и местото на ЕУ во светот денеска се осврнаа Жозеп Борел, актуелниот Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и неговите претходници Федерика Могерини и Хавиер Солана, говорејќи на специјалната конференција на Европскиот сервис за надворешна акција – European External Action Service (EEAS), по повод 10-годишнината на неговото основање.

Фото: Принтскрин ЕЕАС

Борел, кој денеска одбележа точно една година од стапувањето на функцијата Висок претставник и заменик-претседател на Европската комисија, на мини-конференцијата на ЕЕАС, на која од досегашните нејзини раководители отсуствуваше само Кетрин Ештон, порача покрај дека најновата криза со корона вирусот, ЕУ стои уште пред еден сериозен предизвик, а тоа е она што го прави да се претстави поубаво пред светот преку еден изграден наратив. Сепак, во кризата ЕУ успеа да ја доизгради увереноста на европјаните дека заедништвото овозможува да се постигне многу повеќе отколку што би можела секоја членка сама.

„Мора да имаме свој стратешки концепт. Секој настојува да се прогласи за најдобар во времево на пандемија, да ги реши проблемите дома и да помогне на други. Ние европјаните мора да имаме наратив, имаме добар проект, кој вклучува многу мерки за заштита на здравјето на жителите на ЕУ, но не го продаваме доволно добро. Истовремено, кризата ја покажа нашата ранливост, одеднаш заштитната маска стана неопходна – едно нешто што е едноставно да се направи, стана стратешки објект. Исто така, ние не бевме подготвени на почетокот, не произведувавме парацетамол, мислевме пазарот ќе го реши, дека ќе се појави понуда. Но, затоа подоцна се научивме од грешките и направивме навистина многу. Кризата на Унијата ѝ даде додадена вредност кај граѓаните, кои сфаќаат дека обединети, со заеднички сили на 27 членки, можеме да постигнеме повеќе отколку секоја земја сама да се бори… Имаме гигантска канцеларија за решавање проблеми, не само во соседството, туку и во целиот свет под европско знаме, која сака да ги стави сите европјани во прегратка и да даде солидарност и поддршка. Ја зајакнуваме улогата, и остатокот на човештвото нè смеата за фактор кој помага“, рече Борел.

Хавиер Солана | Фото: Принскрин, ЕЕАС

Првиот Висок претставник, во чиј мандат (1999-2009 година) се формираше ЕЕАС, Хавиер Солана, порача дека ЕУ навистината се справила многу поуспешно во оваа криза отколку во економската криза во 2008, што е доказ дека лекциите се научени. Сепак, ЕУ ја нема „тежината“ во меѓународните односи како порано, рече Солана.

„За мене реакцијата на ЕУ во оваа пандемија е поинаква од онаа во 2008 година со големата криза и реакциите се многу различни и тоа е затоа што многу научивме од минатото. Втора работа, кога почнувавме со мировните операции, имавме помалку инфраструктура, имавме помалку моќ, ама имавме повеќе влијание. Веројатно сега има повеќе моќ, повеќе луѓе… Но во мое време имавме помала сила, но повеќе влијание“, потенцира тој.

Според Федерика Могерини, поранешен Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и заменик-претседател на Европската комисија, соработката во ЕУ и во надворешните работи, но и во многу други области, е веќе дел од ДНК-то на европјаните, што истовремено дава можност да се постигне повеќе и во светот.

„ЕУ има авторитет како меѓународен фактор во некои прашања, пред сѐ нормативните прашања, на пример. Никој нема таков авторитет во светот, потоа е економската моќ, а потоа се постигањата за правата на луѓето. Треба заеднички да инвестираме во партнертство, но сепак како самостоен суверен субјект, и така може да постигнеме повеќе во светот“, порача Могерини.