Конференција за е-трговија: Македонците и Црногорците најмногу користат интернет, Србите најмногу пазарат онлајн

Шестата годишна конференција за е-трговија е домаќин на над 600 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 30 еминентни говорници од земјата и странство

Фото: Асоцијација за е-трговија

Под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција“, започна Шестата годишна конференција за е-трговија, која е во своето второ регионално издание и е домаќин на преку 600 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 30 еминентни говорници од земјата и странство.

Конференција ја отвори претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека благодарение на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација, е-трговијата зема голем замав.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Вештачката интелигенција повеќе не е сведена само на агрегат за реклами, туку прераснува во ‘рбетен столб на малопродажбата. Корисничките четботови, генерирањето содржини и илустрации на производите и услугите, брзата анализа на потребите на пазарот и преференците на потрошувачите, експоненцијално го зголемуваат влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата. Годинава околу 20% од малопродажбата на светско ниво се врши онлајн. Бизнисите денес можат да продаваат многу повеќе производи и услуги со многу помали трошоци, а со тоа и по пониски цени. Поради својот инвестициски потенцијал, овој релативно млад сектор станува важна ставка во економскиот раст и развој во секоја држава, рече Пендаровски.

Важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет се главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ три презентации, две студии на случај и четири панел сесии и презентации на успешни приказни од регионот.

Публиката денеска ја поздрави и Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ кој посочи дека електронската трговијата е целосно интегриран и важен дел од заедничкиот пазар на Европската Унија, односно дека купувањето електронски е секојдневие за луѓето во ЕУ, каде 75% од купувачите купуваат стоки и услуги онлајн.

Новиот План за развој на Европската Унија за Западниот Балкан, презентиран минатата недела, има за цел отварање на вратите за земјите од Западниот Балкан кон Заедничкиот пазар на ЕУ, вклучително за е-трговијата, царинската соработка, намалување на трошоците за прекуграничните плаќања, патниот траснпорт, електричната енергија, роамингот, потсети Худолин.

Поздравно обраќање имаше и претседателката на Асоцијацијата за е-трговија,  Нина Ангеловска која во својот говор потенцираше:

Вештачката интелегенција отвара нови хоризонти за е-трговијата – од супер-персонализирано шопинг искуство и корисничка поддршка, до смарт логистика, детекција на измами, оптимизација на цени и автоматизација во секоја пора. Вештачката интелегенција е тука и ќе остане во нашите животи, го менува начинот на кој купуваме, продаваме, работиме, живееме. Вештачката интелегенција нема да го замени вработениот, но вработениот кој користи вештачка интелегенција ќе го замени оној кој не користи, рече Ангеловска.

Ангеловска на конференцијата ги презентираше клучните сознанија од анализата со наслов „Преглед на е-трговијата во Р.С. Македонија и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, 2023 година”, кој е поддржан од Мастеркард и изработен од АЕТМ. Таа истакна дека трета година во анализата се става посебен фокус на прогресот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан.

Според извештајот, сите земји од Западен Балкан се слични кога станува збор за развојот на е-трговијата, има многу заеднички карактеристики, некои земји се подобри од другите, но сите се рангирани најниско споредено со европските земји.

На пример, според употребата на интернет Македонците со 88% заедно со Црногорците се најдобри од балканските земји. Кога станува збор за онлајн купување Србите се најдобри со 63.5% од интернет корисниците, Македонците 49.5%, а најмалку Црногорците, истакна таа.

Во рамки на извештајот беа анализирани и податоците од НБРСМ, според кои вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Р.С.Македонија во текот на 2022 година, изнесува 550.2 милиони евра и има пораст од 25% во однос на 2021 година. Во првата половина од оваа година растот споредено со првото полугодие лани изнесува 18.5%.

Дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба, покажува и фактот дека и понатаму има пораст на бројот, кој во јуни 2023 година изнесувал 1939 интернет-продажни места.