Компанијата зад „ChatGPT“ лансираше алатка за откривање на текст генериран со вештачка интелигенција

фото: Markus Spiske на Unsplash

Компанијата „ОпенАИ“, креатор на популарниот чет-бот ChatGPT, лансираше софтверска алатка која се обидува да направи разлика помеѓу текст напишан од човек и текст генериран од вештачка интелигенција (ВИ), меѓу кои и текстови произведени од нивните сопствени модели „ChatGPT“ и „GPT-3“.

„Класификаторот за Вештачка интелигенција“ е јазичен модел обучен на база на податоци од парови текст на иста тема напишани од човек и ВИ. Софтверот користи различни провајдери за да одреди дали станува збор за автоматизирани кампањи за дезинформации и академска нечесност, пренесува Ројтерс.

Како што расте жарот околу генеративната вештачка интелигенција, критичарите ги повикаа креаторите на овие алатки да преземат чекори за да ги ублажат нивните потенцијално штетни ефекти.

Алатката сепак не е особено точна – нејзината стапка на успех е околу 26 отсто, но „ОпенАИ“ тврди дека кога истата се користи заедно со други методи, може да биде корисна во спречувањето на злоупотреба на генераторите на текст со вештачка интелигенција.

„Класификаторот има за цел да помогне во ублажувањето на лажните тврдења дека текстот генериран со вештачка интелигенција е напишан од човек. Сепак, тој сè уште има бројни ограничувања и затоа треба да се користи како дополнување на другите методи за одредување на изворот на текстот наместо да биде примарна алатка за донесување одлуки“, изјавил портпарол на „Опен АИ“ за „Техкранч“.

„Класификаторот за ВИ“ нема да работи на кој било текст, односно потребни се минимум 1.000 карактери или околу 150 до 250 зборови. Софтверот не може да открие ниту плагијат.