Јагма за сликички од македонски фудбалери по пристигнувањето на албумот „Еуро 2020“

Страниците со репрезентацијата на Северна Македонија во албумот „Еуро 2020“. Фото: Емилија Буралиев, објавено од Meta.mk со нејзина дозвола.

За прв пат после распадот на Југославија, колекционерите на сликички од Северна Македонија имаат прилика да ја видат фудбалската репрезентација на својата држава во албум посветен на едно Европско првенство.

Судејќи по реакциите на социјалните мрежи и по според активностите околу трафиките, најновиот албум „Еуро 2020“ од италијанскиот издавач „Панини“ предизвикува огромен позитивен интерес, кој се надоврзува на радоста предизвикана од неодамнешните победи на македонската фудбалска репрезентација.

Албумот е посветен на европското првенство кое требаше да се случи во 2020 година, но УЕФА го одложи почетокот до 11 јуни оваа година заради пандемијата ковид-19, без да го промени името.

Дистрибуцијата на албумот и сликичките во Северна Македонија започна во првите денови на април. Во текот на целото работно време во сабота, пред продавницата на „Ворлд прес“ во центарот на Скопје имаше ред граѓани од сите возрасти кои стрпливо чекаа да купат албум и сликички.

Ред пред продавница што продава албум „Еуро 2020“ во Скопје на 3 април 2021 г. Фото: Meta.mk.

Скопјанката Емилија Буралиев објасни дека собирањето сликички станало семејна традиција од времето кога нејзиниот син почнал да игра фудбал на 6 години.

„Секоја втора година купувавме албуми и секогаш ги полневме. Највозбудливо беше менувањето сликички пред фонтана и споменикот на Мајка Тереза. Јас имав улога на шофер, а синот се менуваше. Сега има 14 години, не игра фудбал, ама сепак се собираат сликички. Оваа година со поголем кеиф бидејќи игра Македонија. Овој пат сигурно поради короната ќе нема менување на фонтана, ама ќе се снајдеме некако – онлјан,“ – објаснува Буралиев.

На социјалните мрежи граѓаните кои успеале да набават сликички разменуваат впечатоци, особено оние на кои им се паднале некои од домашните репрезентативци, особено капитенот Горан Пандев.

Традицијата на собирање и размена на самолепливи сликички е дел од заедничката култура во Југославија. Во седумдесеттите и осумдесеттите години, низ целата федерација, освен увозните албуми на „Панини“, популарни беа и домашни изданија како „Животинско царство“ на хрватската фирма за слатки Краш. Албумите покриваа најразлична тематика, од спорт до стрипови, oд ТВ серии до едукативни содржини.

Во 2006 година, македонскиот  програмер Горан Шлакески го основа веб-сајтот slikicki.com, достапен на македонски, англиски и словенечки јазик, кој стана своевиден центар на онлајн заедница за размена на сликички. Преку овој непрофитен веб-сајт колекционерите ги документираат своите збирки и договараат средби за размена.

Некои од тие средби имаа масовен карактер, со стотици учесници кои се собираа кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје, за што во 2014 година известуваше и „Глобал војсис“.

Освен во мрежата трафики и други продавници, сликичките за „Еуро 2020“ може да се купат и преку веб-сајтот slikicki.mk кој го води фирмата Дипрес Дооел Скопје. Цената на една сликичка е 8 денари, а се продаваат во пакетчиња од пет по цена од 40 денари. За да се пополни албумот потребни се вкупно 654 уникатни сликички.

Излог на продавница пред која се чека ред да се купи албумот „Еуро 2020“. Фото: Meta.mk.

Присуството во албумот на „Панини“ носи огромна дополнителна видливост за земјата и самите фудбалери од репрезентацијата. Оваа група компании со седиште во Модена има мрежа за дистрибуција во над 120 земји, со 12 посебни гранки за големи земји како САД, Мексико и Бразил.

Освен сликички, „Панини“ објавуваат над 7000 различни изданија – стрипови, списанија и книги преку екслузивни договори со Дизни, Марвел, Серџо Бонели Едиторе, како и спортски организации како ФИФА, УЕФА, НБА, НФЛ… Според податоците од 2014 г. нивниот годишен приход е над 750 милиони евра.