Со изложбата на концертни и промотивни постери и плакати насловена како „Патешествие“, ќе започне филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ во Музеј на град Скопје на 2 септември со почеток од 20 часот.

Изложбата „Патешествие“ претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, но прикажана преку бројни концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. Со оваа изложба се прикажува еден друг аспект од кариерата на Влатко односно неговиот богат концертен опус со годините. Oваа изложба ќе биде поставена ексклузивно само во Скопје.

„Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња,” – изјави Влатко Стефановски.

Овогодинешното издание на фестивалот „Синема сити“ дава акцент на документарни филмови каде главна улога односно внимание е дадено на гитарата и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент и со тоа на некакв начин станале синоним за него.

Филмот кој ќе го отвори фестивалот е филмот „Кит Ричардс: Под влијание“.  „Под влијание“ е портрет на Кит Ричардс кој е срцето и душата на бендот Ролинг Стоунси. Ведаш по проекцијата свој соло настап ќе има Влатко Стефановски.

Секоја вечер од филмскиот фестивал е поделен на жанрови. Третата вечер е блуз вечер и е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Меѓу овие два филма свој настап ќе има блуз дуото „In the Mood”. Четвртата вечер е посветена на поекспериментални правци во музиката.