Убеден сум дека кандидатите за нови министри во делот на финансиите и подобрувањето на инвестициската клима ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, посебно во овој неповторлив, драгоцен период за земјата која очекува интегрирање во ЕУ и НАТО, рече денеска премиерот Зоран Заев, образложувајќи пред пратениците зошто ги предложил Нина Ангеловска за министер за финансии и Хисен Џамаили за министер без ресор.
Во рамки на денешната 110. седница треба да бидат избрани и Кирил Колемишевски за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министер за образование и наука и Неџад Мехмедовиќ за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
По претставувањето на Заев на новите министри, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара оставка од него.
„Најдобро во овој момент и за земјата и за граѓаните и за економијата и за СДСМ е што побрзо да заврши оваа политичка агонија. Време е да поднесете оставка и не мора да го поврзете тоа со ваша политичка или морална одговорност“, рече Димовски.
На ова Заев одговори, дека за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот сега е пријавител на случајот „Рекет“, овозможено е целосно независно транспаренто работење на јавното обвинителство, без каква било пречка, низ истрага, да ги докаже сите аргументи.
Пратениците треба да изберат и нов вицегувернер на Народната банка за што е предложен Фадил Бајрами.