Изложба и дискусија „Современи (не)демократии – исчезнување на јавниот човек“, денес од 12 ч. во Општина Центар

Дигитален плакат за изложбата „Современи (не)демократии - Исчезнување на јавниот човек“, дел од 16. АКТО Фестивал за современи уметности. Дизајн: КОМА.

Во рамки на 16. АКТО Фестивал за современи уметности, денес ќе биде отворена изложбата „Современи (не)демократии – Исчезнување на јавниот човек“ која е базирана на истражување од Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Кристијан Караџовски и Наум Трајановски.

Изложбата ќе се отвори на 6 ноември 2021 година (сабота), од 12 часот, пред салата за седници на Oпштина Центар.

По изложбата, на истата локација ќе се одржи и јавната дебата АКТО Агора, со почеток 13 часот, на која ќе зборуваат архитектот Бекир Адеми и професорката на Архитектонски факултет Дивна Пенчиќ, како и активистите Кочо Андоновски и Филип Стојановски. Модератор на дискусијата ќе биде магистерката по политичка филозофија Соња Исмаил.

Овие настани се дел од 16. АКТО Фестивал за современи уметности „Современи (не)демократии“, продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“.

АКТО 16 е поддржан од Фондацијата „Хајнрих Бол Штифтунг“, Гете – Институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје.