Посочениот советник на претседателот Иванов, не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски претставници и во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени. Ова стои во експресната реакција на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов по изјавата на советникот за безбедност во амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ, дека одобрение за да влезе во Собранието на 27 април, добил од советникот на Иванов.

Во соопштението од кабинетот се вели дека „согласно законите во Македонија, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски преставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието се грижи за редот во зградата.“

 „Кабинетот на претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието. Изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Тој по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник, дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување. Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието, амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот, не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието“, се додава во соопштението.

Од кабинетот на претседателот исто така велат дека „во изминатиот период реагирале до амбасадорот на Србија да се прекине со злоупотреба на името на советникот, со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување на дипломатот.“

„Случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието е затворен во постигнат договор помеѓу службите“, се додава во соопштението.