Интервју на Порталб со студентката Сара Мустафи: Ќе се вратам во Македонија ако созреат условите

Незадоволството од образовниот систем, недовербата во институциите на земјата и многу други негативни појави ја натерале студентката Сара Мустафи да ја напушти земјава за да студира во странство. Таа планира да ги заврши сите студии во странство и потоа, во зависност од околностите, да се врати во Северна Македонија. А, во моментов, 5.704 студенти од РСМ студираат во странство, пишува „Порталб.мк“.

Над 5.700 млади од Северна Македонија, откако завршиле со средно образование, заминале од земјата за да студираат, се вели во извештајот на една од најкредибилните организации во светот, Организацијата на Обединетите Нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).

Сара Мустафи е студентка на Факултетот за Природно – Математички науки при Швајцарскиот Универзитет. Мустафи истакнува дека можностите за подобар живот и незадоволството од образовниот систем во РСМ ја натерале да замине.

„Јас заминав од Северна Македонија откако ги завршив додипломските студии. Причините се бројни, но главно беше од општото незадоволството со овдешниот систем, почнувајќи од образовниот. Освен тоа, во странство ќе ми се овозможи да се развијам повеќе како научен истражувач со понудата за работа во лабораторија, контакт со луѓето што се меѓу првите во нивните области, можност за објавување трудови во реномирани научни списанија и др.“, рече Сара Мустафи, студентка.

Според неа, квалитетот на образовниот систем кај нас се влошува. Таа го нагласи фактот дека во наставниот процес се вклучуваат луѓе што не се подготвени за таа должност, додавајќи дека ова треба да се промени, со цел студентите да не бараат квалитет во странство туку тоа да го најдат во татковината.

„Во образованието на РСМ, според мене, важи фактот дека има квантитет, а не квалитет. Јас сметам дека не е важно ако има малку студенти во определена насока, важно е да бидат квалитетни, но оваа побарувачка за квантитет придонесе во образованиот процес да се вклучат луѓе што не се подготвени за таа задача. Потоа, овие луѓе ги пренесуваат своите ‘вредности’ на следните генерации и наместо да се подобруваме, одиме само кон полошо… Значи, квалитетот на образованието беше тоа што ме натера да заминам, а исто така имав потреба да се предизвикам себеси, да дознам дали ќе успеам да се покажам меѓу најдобрите“, вели Сара.

А во врска со прашањето дали би се вратила откако ќе магистрира, таа вели дека во прво време не планира да се врати бидејќи има на ум да ги заврши сите студии таму, потоа ќе размисли за ова во зависност од условите и околностите.

„Дали ќе се вратам зависи од тоа каква понуда за работа би добила во странство и што би ме очекувало тука… Како прво би сакала да продолжам во странство до определена точка од кариерата и кога ќе сметам дека е доволно, тогаш мислам дека би се вратила да им помогнам на другите студенти тука, бидејќи ако сите заминеме што би се случило со ова место”, прашува Мустафи.

Инаку, таа рече дека студиите во странство освен добрите услови, нудат и многу други можности, односно отворат врати за напредок и во други земји, можност за вработување, и слично.