(ИНТЕРВЈУ) Гоце Цветановски за првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“

Цветановски е прв Македонец кој е споменат во престижниот магазин „Rolling Stone“ како режисер на спотот на Faith No More. Во Македонија е познат по неколку филмови, но најмногу по детската анимирана серија „Биби и Боби“. А, сега тој го режира и првиот македонски долгометражен анимиран филм

Режисерот Гоце Цветановски | Фото: Лична Архива

Пред нешто помалку од еден век, во далечната 1937 година, студиото Волт Дизни го направи првиот долгометражен анимиран филм и му го претстави на светот како нешто ново коешто ја промени иднината засекогаш. Се работи за филмот „Снежана и Седумте Џуџиња“.

Анимираните филмови стануваат секојдневно сè повеќе популарни, постои силна конкуренција и натпревар кој ќе направи филм со подобра анимација и приказна. Иако Македонија е позната по детските програми и анимирани серии, интересно е што првиот наш долгометражен анимиран филм, ќе пристигне во 2024 година.

За да дознаеме повеќе за филмот, направивме интервју со Гоце Цветановски, кој е наш наградуван режисер и продуцент, кој има студирано сценарио и режија во Париз. Тој е прв Македонец кој е споменат во престижниот магазин „Rolling Stone“ како режисер на спотот на Faith No More. Во Македонија е познат по неколку филмови, но најмногу по детската анимирана серија „Биби и Боби“. А, сега тој го режира и првиот македонски долгометражен анимиран филм.

Извадок од филмот „Јон Вардар против галаксијата“ | Фото: Гоце Цветановскки
  • Режисер е најважната улога во филмот бидејќи режисерот треба да ја створи мислата и идејата што да се направи, па доколку ве вратиме назад во времето, дали може да ни кажете која беше вашата прва мисла и идеја која ве натера да се занимавате со режија?

– Во средината на 90-тите години, за време на средношколските денови станав член на филмската работилница „Ед Вуд“ која ја водеше Ратка Илиева – Лале. Низ таа работилница поминавме би рекол 99% од идните филмаџии, барем од мојата генерација. Лале беше неверојатно енергична, и мислам дека успеа на сите нас кои сме дошле во контакт со неа да ни ја пренесе љубовта кон филмот и визуелните уметности. Ако Лале беше локомотивата, духовен ментор ми беше Марко Петрушевски, со кого често гледавме филмови и дискутиравме околу тоа што ги прави добри. Во 1996 за кратко време и мал буџет, го снимив мојот прв краткометражен аматерски филм, „Кој го уби Миле“. Дополнително, еден ден кога главниот глумец не дојде дека го болела главата, бев дел од колективно снимање на филм кој дел од екипата го смислуваше додека другиот дел снимаше и обратно. Ова ремек-дело на македонската кинематографија од кое за среќа мислам дека нема преживеана копија, се викаше „Жешти страсти“. После тоа во Ед Вуд снимивме уште неколку среднометражни аматерски филмови, и во тие 2-3 години сфатив дека правењето филмови е она што ме прави среќен. Тргнав по тој пат и не зажалив.

  • Некое непишано правило е дека едни од најдобрите режисери во светот како Кјубрик, Спилберг, Куросава, никогаш не завршиле филмска шола. Вие имате завршено во Париз сценарио и режија, па дали сметате дека филмската уметност сепак треба да е обучена, место да се оди на среќа?

– Школувањето секако дека може да помогне во запознавањето со теоретските, па и некои од практичните аспекти на филмската уметност, но најдобриот начин да се научи за филм според мене е да се направи. Снимај без пари, со пријатели и роднини, сними еден, два, три, десет филма. Без разлика колку лошо и евтино изгледаат, ќе научите повеќе отколку што која било школа може да ве научи. Посебно сега кога опремата за снимање и монтирање буквално можеме да ја носиме во џеб.

  • Додека сме кај Париз, кога ќе се спомне тој град и Франција како држава се асоцира на многу сериозна земја за оваа уметност. Дали би можеле да направите некоја спореба при студирање на режија во Париз и во Скопје? Кои бенефиции се добиваат таму а кои тука?

– Претпоставувам дека во основа школувањето е приближно исто. И во Франција имаше квалитетни и неквалитетни професори, немаше многу опрема во однос на бројот на студентите па за снимање се снаоѓавме кој како знае. Мислам дека финалниот резултат на крај зависи од желбата на самиот студент. Бенефит кој сигурно го нема. Е сега таму остваруваш пријателства со луѓе од целиот свет, а и твојот сопствен светоглед се менува. Париз е космополитски град и мило ми е што дел од животот го поминав таму.

  • За да се направи некој филм, режисерот треба да добие инспирација од некаде, или да добие мотивација од нешто. Од каде ги добивате вие овие работи? Дали можеби тука има влијание измешаноста на рапот како музика и стрипот како друга уметност?

– Стивен Кинг има кажано „Кога си инспириран, пишувај. Кога ти треба инспирација, читај.“ Јас на ова читај само би додал уште еден збор – живеј. Инспирацијата е секаде околу нас. Секое патување, секое ново познанство или средба со стари пријатели, секој муабет, секоја музика, голтка, залак, секој здив е дел од нас самите, и потоа тие нешта се мешаат со онаа магична состојка која некои луѓе ја нарекуваат душа. Оваа мешавина излегува од нас авторите во форма на приказна, или друг вид на уметност. Порано многу често црпев инспирација од соништата, од митологијата и од народните приказни. Рапот како музика не ми влијаел многу во творештвото, но усното прераскажување на приказни и тоа како. Секогаш ја спомнувам мојата баба, која ни раскажуваше приказни за самовили, вештерки, за јунаци и скриени богатства на нас децата кои со подотворени усти ги пиевме нејзините зборови и патувавме во далечни, непознати земји. А со стриповите стапив во контакт уште пред да знам да читам латиница (порано стриповите во бивша Југославија излегуваа на спрско-хрватски и на латиница).

  • Имате работено на проекти за многу позанати музичари и брендови како што се Faith No More, Ed Sheeran, Алкател и Самсунг, но сепак да ве вратам на нешто што можеби и вие го имате заборавено – „За Македонцките Стрип Работи“. Дали може да дадете малку повеќе информации за тој проект?
Официјалниот постер за краткиот анимиран филм „Вистинската приказна за Ханс и Гретел“ Фото: Гоце Цветановски

Да, поминати се години од тогаш. Овој проект беше дел од една документарна серија која ја работев на времето, сè уште бев студент тогаш. Секоја епизода беше посветена на некоја специфична тема – освен стрипот, другите теми беа џезот, графитите, музичката андерграунд сцена, електронската музичка сцена, етно елементите во модерната уметност. Во документарецот ја опфатив историјата на македонската стрип сцена од почетокот па негде до 2000-та година, се разбира колку што можев да дојдам до информации во моментот. Тогаш сè уште не знаев дека години подоцна ќе работам анимиран филм и дека ќе соработувам со дел од стрип авторите кои тогаш ги запознав.

  • Добро се сеќаваме дека во минатото кога и телевизијата беше во најголемиот цут, имаше безброј проекти коишто беа наменети за сите генерации, но најмногу за најмладите. Долго време беше мрачен период сè до појавата на „Биби и Боби“. Режисер сте на голем број епизоди, и според вас колку сметате дека се потребни вакви проекти?

– Најпотребни се! Децата се сунѓери, неверојатно се интелигентни и многу повеќе разбираат од она што ние си мислиме. Тие имаат потреба и да се забавуваат, а ако можат притоа нешто и да научат, тогаш сите сме победници. Зад Светот на Биби стои огромна екипа, не само глумци, аниматори, музичари, продуценти и слично, кои се неопходни за реализација на епизодите, туку и педагози, едукатори и психолози. Огромниот успех на Биби и Боби кај детската публика се должи токму на синхронизираната и посветена работа на сите овие професионалци. Тоа што проектот почна да зема замав и во околните држави а веќе е достапен и на англиски јазик на Амазон Прајм во САД.

  • Можеби Биби и Боби е наменето баш за најмалата публика, но сепак режисер сте и на Првиот Македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар Против Галаксијата“. Во светот ова постои веќе еден век, но кај нас ваков филм се појавува сега првпат. Можете ли на кратко да ни го раскажете историјататот на филмот?

– Во 2008 година, од страна на тогашниот Филмски Фонд добив средства за мојот прв анимиран краток филм со буџет, „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“, кој беше инспириран од истоимената приказна на браќата Грим. Тоа за мене беше шок, не очекував филмот да биде поддржан поради тоа што се работеше за анимиран хорор. Имав аплицирано со две сценарија, со надеж дека другото сценарио ќе помине. Но не знаев дека претходните 20 години немало краток анимиран филм во Македонија. Овој проект ме „навлече“ на анимација, бидејќи многу од приказните кои ги пишувам се во научно-фантастичен или пак само фантастичен жанр, и нивната реализација во игран филм би била многу скапа. Додека пак анимацијата нема никакви ограничувања освен талентот на самите артисти. Аристот „Тхе Мичо“ едно време црташе вонземјани, јас се заљубив во нив и напишав приказна за тие ликови. Приказната ја пишувавме двајца и беше мрачен трилер, но потоа сфатив дека на стилот на Мичо повеќе одговара да биде комедија, па сценариото го напишав сам.

Постер за филмот „John Vardrar vs The Galaxy“ Фото: Гоце Цветановски

Во меѓувреме доаѓав повремено во Македонија како професор, поточно водев филмска работилница на еден од приватните филмски универзитети, и еден бивш студент ми се јави да ме извести дека има заинтересирани инвеститори за отворање на анимациско студио. Не бев сигурен во сериозноста на таа намера, но веќе на 1 септември 2015 година студиото почна официјално да работи и тоа како најголемо анимациско студио на Балканот, со 25 вработени. Со Јон Вардар бевме селектирани на повеќе светски анимациски настани, и  Агенцијата за Филм конечно го поддржа проектот. Во наредните 3 години додека се работеше на предпродукцијата, успеавме да најдеме копродуценти од уште 3 земји: Хрватска, Бугарија и Унгарија.

Од ноември ќе го прикажеме на нашата публика, а веќе имаме обезбедено и кино дистрибуција во повеќе држави во странство. Би сакал да се заблагодарам на сите кои веруваа во проектот и кои не се откажаа до крај, на продуцентот Алан Кастиљо, на Агенцијата за Филм, Хрватскиот аудиовизуелен Центар, Бугарскиот Филмски Центар и Унгарскиот Институт за Филм, и фондацијата Анимонд од Србија, и на целата екипа која помогна да го оствариме овој историски чекор за Македонија.

Извадок од филмот „Јон Вардар против галаксијата“ Фото: Гоце Цветановскки
  • Џон Вардар против Галаксијата е првиот македонски филм од овој карактер, и факт е дека за вакви филмови се потребни години за изработка. Дали сметате дека после овој филм во Македонија би се смениле работите и би оделе напред на ова поле, или повторно би чекале години и години за нов таков филм?

– Се надевам дека нема да чекаме долго за вториот, бидејќи веќе спремам нов долгометражен анимиран филм!

Биби и Боби ќе одат на прекуокеанска авантура во Латинска Америка, веќе имаме обезбедено копродукција и дистрибуција, но за тоа ќе објавиме повеќе детали во некоја наредна прилика. Мислам дека после совладувањето на сите продукциски потешкотии што ги имавме на Јон Вардар, со екипата сега имаме потенцијал не само да направиме уште подобар филм.

  • Македонија годинава нема ниту еден филм којшто е предложен да влезе во трка за оскари? Какво е вашето мислење за ова, и зошто мислите дека е вака?

– Продукцијата на филмови ни е квантитативно слаба. Државните кандидати за Оскар, ако немаат земено награда на некој од поголемите фестивали и ако не се поддржани со маркетинг буџет (а не се), реално немаат шанса да влезат во вториот дел од трката, односно во официјалните номинации. Секоја чест на екипата на Медена Земја кои докажаа дека со добар филм може далеку да се стигне.

Секогаш сакам да сум позитивен во моите јавни обраќања, но понекогаш мора да се зборува и за другата страна на работите. Порано имаше закон за спонзорство во областа на културата, при што се одбиваше ДДВ на компаниите кои вложуваа во културни проекти. Апелирам до сите политичари и надлежни институции, време е да се почне вистински и сериозно да се вложува во инфраструктура, образование, здравство, наука, култура, агрикултура, спорт.

  • И за крај… Инспирација за луѓето што сакаат да се занимаваат со оваа професија? Од каде да почнат, на што да пазат, и што да следат?

– Храброст, упорност, истрајност. Единствен кој не греши е оној кој не работи. Џабе работи – џабе не седи. Ништо не се постигнува лесно, спремете се за безброј одбивања и падови, но секогаш станете, насмејте се и продолжете. Секој чекор ве носи поблиску до крајната цел. Учете од своите грешки, но и од туѓите. Бидете флексибилни, бидете тврдокорни. Имајте отворен ум. Зачувајте го детето во себе. Живејте го животот до последниот здив!