Системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ трет ден по ред не функционира, а причина за нефункционалноста е хакерски напад. Ова за Мета.мк го потврдија од ФИНКИ, факултетот кој се грижи за одржување на системот. Во меѓувреме, од утрово не е во функција ниту вебсајтот на Министерството за образование и наука (МОН), за што причините сѐ уште не се познати.
Студенти на факултетите на УКИМ веќе трет ден се жалат дека не можат да се најават на iKnow системот и да ги пријават испитите за претстојната испитна сесија која почнува веќе од следната недела. Дополнително, не функционираат ниту платформите за учење Teams и Courses, кои исто така се наоѓаат на истиот систем кој е цел на нападот.
Од ФИНКИ за Мета.мк информираа дека станува збор за „Distributed denial of service“ напад – ДДОС, за што службите и вработените добиле известување од страна на компјутерскиот центар кој се грижи за безбедноста на системот. Од таму уверуваат дека се справуваат со нападот, дека проблемот ќе биде решен и оти нема да има дополнителни последици по безбедноста на системот.
ДДОС нападот подразбира сајбер-криминал во кој напаѓачот го преплавува серверот со сообраќај за да ги спречи корисниците да пристапат до поврзаните услуги и сајтови, во случајов до iKnow системот на УКИМ.
Овој систем и претходно летово, за време на јунската испитна сесија, бил цел на напад од ваков вид. Напаѓачите е тешко да се откријат, информираа од ФИНКИ.
Системот iKnow не функционираше и пред десетина денови, кога студентите кои се обиделе да пристапат до него добиле информација дека „поврзувањето не е безбедно“ и дека „напаѓачите можеби се обидуваат да ги украдат податоците“.
Инаку, неодамна цел на хакерски напад беше и Фејсбук профилот на првиот универзитет во земјава, кога беа објавувани недолични содржини. Профилот на УКИМ на оваа социјална мрежа сега не постои.
Од утрово не е во функција ниту сајтот на МОН. Мета.мк упати прашања до Министерството за причините за нефункционирањето на вебсајтот, но до овој момент одговор не добивме.
Хакери споделуваат несоодветни содржини на Фејсбук страницата на УКИМ