И британските регулатори го одобрија стекнувањето на Мајкрософт со „Активижн Близард“

Претходно во април, институцијата го блокираше преземањето поради загриженоста дека Мајкрософт, кој е производител на конзолата за игри „Екс бокс“ ќе доминира на пазарот на „клауд гејмингот“

фото: Мајкрософт / Твитер

Ревидираната понуда на „Мајкрософт“ за купување на производителот на видео-игри „Активижн Близард“ е одобрена од регулаторите во Обединетото Кралство.

Управата за конкуренција и пазари во Велика Британија го расчисти договорот вреден 69 милијарди долари со што е отворен патот двете компании да го завршат стекнувањето – најголемото преземање во индустријата за игри досега, пренесува „Гардијан“.

Претходно во април, институцијата го блокираше преземањето поради загриженоста дека Мајкрософт, кој е производител на конзолата за игри „Екс бокс“ ќе доминира на пазарот на „клауд гејмингот“.

Договорот за купување на „Активижн Близард“ истекува на 18 октомври.

Ревидираниот договор предвидува правата за видеоигрите надвор од Европа да бидат продавани на францускиот ривал на „Активижн“ – „Убисофт“.

Главниот извршен директор на „Активижн“, Боби Котик, во белешка до вработените напишал дека компанијата е подготвена да ја финализира трансакцијата.

„Сега ги имаме сите регулаторни одобренија неопходни за затворање и со нетрпение очекуваме да донесеме радост и поврзување на што повеќе играчи ширум светот“, напишал Котик.

Претходно, регулаторите во ЕУ и САД исто така го одобрија стекнувањето на Мајкрософт со компанијата за видео-игри. Федералната трговска комисија на САД и понатаму се противи на договорот, но не може да го попречи преземањето бидејќи не обезбеди судски налог за блокирање на истото.

„Call of Duty“ останува на Плејстејшн уште десет години – Мајкрософт и Сони постигнаа договор