Хакери почнаа да објавуваат здравствени податоци на милиони граѓани на Австралија

фото: Markus Spiske на Unsplash

Хакирани се приватни здравствени податоци за речиси 10 милиони граѓани на Австралија. Записите кои содржат податоци за лекувања за алкохолизам, зависности од дрога и абортуси веќе се објавени онлајн, преку кибер-напад за кој се верува дека е координиран од Русија.

Според „Гардијан“, австралиската федерална полиција соопштила дека го знае идентитетот на руската криминална организација која ја хакирала дата-базата на најголемата приватна здравствена осигурителна компанија во Австралија, „Медибанк“.

Би-би-си пишува дека хакерите сега бараат откуп од по еден долар за сите 9,7 милиони сензитивни записи кои ги украле. Откако компанијата одбила да ја плати сумата, хакерите почнале да ги објавуваат сензитивните информации на дарк-веб мрежата.

Австралиската влада ја поддржа „Медибанк“ во одбивањето да плати откуп и апелираше до граѓаните да не ги бараат протечените податоци онлајн. Властите сметаат дека протечените документи можат да ги исплашат граѓаните да не бараат медицинска грижа дури и кога ќе имаат потреба.

Австралиската полиција соопшти дека е во контакт службите за спроведување на законот во Русија.

Инаку, истражувачите за кибер-безбедност и западните агенции долго време ја обвинуваат Русија дека е засолниште за банди кои вршат кибер-криминал.

Страницата на дарк-веб мрежата која хакерите ја искористиле за објава на медицинските податоци е поврзана со озлогласената банда наречена „REvil“ за која се верува дека се наоѓа во Русија. Оваа група има извршено десетици големи напади со барања за откуп, од што имаат заработено стотици милиони долари, пред да се растурат минатата година.

Дел од припадниците на „REvil“ беа уапсени во неколку меѓународни операции, но експертите веруваат дека некои од нив се одговорни и за хакерскиот напад на „Медибанк“.