Поранешниот премиер, преку статус на својот фејсбук-профил, заслугите за Супер купот, кој се одржува денеска во Скопје, си ги припиша себеси и на ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини сегашната власт дека сакала да го саботира тоа.

Во по малку „поетскиот“ статус, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, објаснува како тоа се случило „…Вчеравечер испешачив низ центарот на градот… Десетици илјади туристи, навивачи се забавуваат, уживаат во прошетките, се фотографираат пред секој атрактивен објект, пејат, играат, се веселат, а со нив и илјадници наши сограѓани го прават истото… Освен од Шпанија и од Англија, сретнав луѓе од многу земји…“, раскажува поранешниот премиер, за на крајот да напише: „Си заминав дома со мислата колку би било убаво…“

„Според правилата на УЕФА, Владата што ја предводев заедно со ФФМ официјално поднесе кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме. Националната арена „Филип Втори Македонски“, која пред една деценија беше половичен фудбалски стадион само со јужна трибина, денес, наспроти скептиците и политичарите кои го убедуваа народот дека ќе се урне и новите трибини ќе паднат, е оформен и целосно компатибилен атрактивен конкурентен и модерен спортски комплекс кој ќе биде домаќин на големото фудбалско доживување“, пишува Груевски.

Лидерот на опозицијата вели дека Скопје има со што да се пофали пред илјадниците туристи кои деновиве се во посета на градот. Тој нагласува дека Скопје има модернизиран аеродром, како и градби и знаменитости „кои Скопје го вбројуваат на туристичките мапи“. Тој вели дека Скопје пред 10 години бил град „без големи впечатоци, атрактивни и препознатливи градби“.

„Сето она што го направивме во изминатата деценија, со политиките кои ги водевме беше предмет на огромни напади кон нас, манипулации, хајки и лаги од страна на политичките опоненти и тоа исклучиво поради политички причини, целосно запоставувајќи ја и потценувајќи ја употребата и трајната вредност на градбите“, вели Груевски.

Тој ја обвини сегашната власт дека се обидела да прикаже дека стадионот не е доволно подготвен за Супер купот, што се покажало за неточно откако УЕФА го објавила рекламниот спот за Супер купот во Скопје.

„Како што се разобличи оваа лага за стадионот, ќе се демаскираат и сите други. Останува да се памети изграденото, создаденото и реализираното, а сè друго е политичка магла која како ќе паѓа, така ќе останува јасната слика на делата и на резултатите. Си заминав дома со мислата колку би било убаво секоја наредна влада по нас да се потруди да изгради и да создаде повеќе од нас, поубаво од нас, повпечатливо и покорисно истовремено, наместо како сегашната, да не прави ништо и целата енергија да ја впери во девалвирање на она што нивните опоненти го направиле и во кочење на крупните проекти што сме ги почнале“, додава Груевски.