Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој е правосилно осуден на две години затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО, на  својата „Фејсбук“ страница преку статус потврди дека добил азил во Унгарија.

„Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија. Во барањето за политички азил наведов дека истиот го барам заради политички прогон од новата влада предводен од партијата СДСМ. Наведов дека владата сака да ми ја одземе слободата користејки недемократски чекори и методи и злоупотребувајки го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија“, пишува Груевски на неговиот Фејсбук-профил.

Тој вели дека во барањето за азил објаснил како сè започнало.

„Со почетокот на објавувањето на нелегално стекнатите аудио матерјали, назначувањето на специјален јавен обвинител кој стана партиска алатка на партијата СДСМ, исто како и судот, ги опишав сите неправди, нерегуларности, незаконско работење, дискриминација, конструирани судски процеси и пресуди, конкретните судски постапки против мене и тортурата која по формирањето на новата влада ја трпам јас но и голем број други мои соработници, давајки конкретни примери и конкретни докази и завршив со бројните закани по мојот живот со кои се соочуваав во последните денови пред да ја напуштам Република Македонија. Посочив и приложив конкретни примери дека во Република Македонија непостојат услови за фер и законски судски процес, ниту пак начин во една ваква атмосфера на политичка хајка од страна на владата да го заштитам мојот живот од бројните закани кои ми беа упатени“, вели Груевски, кој обвинува дека во Македонија има партизирано судство.

„Во Македонија се соочив со судии кои за секое мое или на мојата одбрана барање, чекаат инструкции како да одлучат од владата или од специјалниот јавен обвинител, од кого и самите судии се плашат, и кого го гледаат како преставник на актуелната влада. Судот и обвинителството се претворија во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на владата. Последните одмазнички притвори на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои очигледно се притворени само за владата да ја ублажи критиката по моето заминување од земјата и барање политички азил заради политички прогон, со лажни, фабрикувани и непостоечки докази само ја потврдуваат атмосферата во која денес живее Република Македонија“, вели Груевски.

Тој додава дека „во Македонија се живее во услови на репресија од страна на владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките прилики и потреби“.

„Јас не избегав од правдата, туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија. Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги погледнат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега се соочував со правдата, се до моментот кога актуелната влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор а потоа и да ме ликвидира.Јас јавно кажав дека сум подготвен да одам во затвор доколку Заев се откаже од погубните политики за Македонија и малтретирањето други луѓе. Но тој очигледно сака се. Сака и да ја реализира распродажбата на националните интереси, и да го реализира разграбувањето на државата, и да ги суди и осуди стотици мои соработници и мене да ме затвори и ликвидира.
Одлучив да се борам и да се спротиставам на овој кукавица кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин. Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но не смее да се дозволи под превезот на оваа цел, актуелната недемократска власт да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни, со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и национални интереси“, вели Груевски.