fbpx

Грчката левица разединета оди на избори

-

Најголемата грчка опозициска партија СИРИЗА не постигна договор за соработка и за заеднички настап на изборите со Демократска левица. Иако ставот на Демократска левица на изборите за претседател и константното барање за распишување предвремени избори наведуваа на сомневање дека веќе постои некаков тивок договор со СИРИЗА за здружување на силите за јануарските избори, сепак тет-а-тет разговорите меѓу партиите пропаднаа и соработката заврши пред воопшто и да почне.

Како што соопшти првиот човек на Демократска левица, Фотис Кувелис, СИРИЗА ги одбиле нивните две основни барања за постигнување заеднички договор за политичка програма која ќе ги обврзе двете страни дека нема да има еднострани активности од која било од партиите во однос на начинот на справување со грчкиот долг и со барањето Демократска левица да учествува сама на избори во соработка со СИРИЗА. Демократска левица, во суштина, сега останува во небрано, бидејќи затвори врата на соработката и за ПАСОК и за Нова демократија, поради гласањето против Ставрос Димас, и за СИРИЗА. Партијата има многу низок рејтинг и се претпоставува дека воопшто и нема да може да влезе во идниот состав на Собранието. Левичарите ќе им беа од корист или на СИРИЗА или на Нова демократија и на ПАСОК за да фатат малку гласови плус и да дојдат поблиску до желбата за формирање влада по изборите на 25 јануари.

Иако ваквиот преран „развод“ малку ги поматува сметките на СИРИЗА, сепак партијата има уште 20-тина дена да се обиде да постигне договор со некои од другите политички партии за евентуално заедничко учество на изборите или, пак, да се договори за коалицирање и за формирање влада по изборите. Можни опции за соработка се десничарите Независни Грци, со кои иако имаат заеднички јазик околу економската политика, не се на иста линија за надворешната политика, или, пак, новата партија Потами, проевропски настроена, која според рејтинзите, е трета или четврта најпопуларна политичка опција и чиј став за соработка може да ја одлучи судбината на идната грчка влада.

Грција ја очекуваат долги 23 дена, полни со политички преговори и заткулисни игри за договарање соработка меѓу партиите за формирање влада. Битката да се придобијат другите поголеми политички партии за постигнување што поголемо мнозинство ќе се води меѓу Нова демократија и СИРИЗА. Засега ништо не може да се прогнозира со сигурност, освен дека сè до последен момент ќе владее неизвесност поради непрекинати турбуленции на политичката сцена.

Поранешниот премиер Јоргос Папандреу се очекува утре да ја најави новата партија, која дури потоа ќе треба да се види каков одѕив ќе има меѓу народот,  дали и колку ќе наштети на имиџот и на рејтингот на ПАСОК и дали ќе успее да дојде рамо до рамо со поддршката што ја има Потами. СИРИЗА можно е да прими во свои прегратки двајца поранешни независни пратеници од ПАСОК, што не предизвикува големо воодушевување кај пратениците од левицата. Останува да се види дали Нова демократија ќе успее во свои рамки да придобие нови проевропски центар-ориентирани сили за да ја зголеми политичката сила и моќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...