Кривичниот суд денеска го осуди поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски на 9 години затворска казна за случајот на СЈО „Триста“ за незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година.

Според пресудата, Поповски треба и да ја надомести штетата од приближно половина милион евра и судските трошоци. Судијката Добрила Кацарска рече дека Поповски бил свесен дека со неговото постапување може да настапи штетна последица и дека бил должен да се грижи за финансиите на МВР, кои всушност се пари на даночните обврзници.

-Министерството исплатило 318.050.292 денари односно 27.894.522 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за набавка на возила. Со ова е нанесена е штета на МВР од големи размери – рече Кацарска.

Таа истакна дека 11 економски оператори доставиле понуда за сите возила. Комисијата не предложила избор на економски најисплатливите понуди. Договорите наместо да се склучат со прворангираните економски оператори, се склучувале со другите оператори.

Поповски претходно се изјасни дека не е виновен и дека очекува ослободителна пресуда. Тој е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување.