Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер, назначил специјален пратеник за Македонија кој треба да посредува во решавањето на политичката криза. Ова попладнево го објави германското министерство за надворешни работи на својот официјaлен твитер-профил.

Специјалниот пратеник, како што е објавено, во координација со претставниците на Европската Унија и на САД во земјава ќе посредува во решавањето на кризата.

„Министерот за надворешни работи Штајнмаер назначи специјален пратеник за Македонија. Амбасадорот Хајндл ќе се координира одблиску со претставниците на ЕУ и на САД за поддршка на напорите за посредување“, стои во твитот на германското министерство за надворешни работи.

Јоханес Хајндл е роден во 1956 година во Минхен. Тој бил новинар, дипломат, а од јули 2015 година е амбасадор на Германија во Австрија.

Претходно, тој бил шеф на политичкиот оддел и претставник во Комитетот за политика и безбедност (ПБК) на Постојаната мисија на Германија во Европската Унија.

Хајндл работел како новинар во Баварското радио, пред да влезе во диполоматска служба во 1987 година.

Тој бил вработен во германската амбасадата во Југославија, потоа преку размена на претставници бил во американскиот Стејт департмент, а потоа и заменик-шеф на специјалните сили за ападен Балкан при германското МНР.

Хајндл помеѓу 2001 и 2004 година бил шеф на одделот за Западен Балкан, а потоа до 2006 година бил претставник за Југоисточна Европа и Турција во Министерството за надворешни работи, пред да биде назначен за заменик-шеф на мисијата во САД од 2009 година

Од 3 септември 2009 година до 2011 година тој бил амбасадор во Чешка, а од јули 2015 година е германски амбасадор во Австрија.