Герила акција на уметникот Озбек Ајваз во градски парк

Пораката што ја испраќа младиот уметник е апел до градските власти да обезбедат подобра хигиена и здравје за граѓаните, преку инвестирање во изградба и одржување на доволен број на јавни тоалети ширум градот

Фото: Озбек Ајваз

Младиот уметник Озбек Ајваз, утрово во градскиот парк кај фонтаната „Лотосов цвет”, преку скулптура која самиот ја изработил, визуелно ја претстави бактеријата ешерихија коли. Пораката што ја испраќа младиот уметник е апел до градските власти да обезбедат подобра хигиена и здравје за граѓаните, преку инвестирање во изградба и одржување на доволен број на јавни тоалети ширум градот.

„Ширењето на ешерихија коли поради недостатокот на јавни тоалети во Скопје, како метропола на оваа држава, претставува сериозна здравствена опасност. Тоа е патогена бактерија која се наоѓа во долниот дел на човековиот дигестивен тракт, и не смее да дојде во горниот дигестивен тракт (желудник, хранопровод, тенки црева) бидејќи во тој случај може да предизвика сериозни гастроинтестинални инфекции кај луѓето“, вели Ајваз.

„Освен тоа, потребни се и стратегии за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на хигиената и користењето на јавните тоалети“, додава тој.

Мета пишуваше за Ајваз пред две години. Тој тогаш, како магистрант на Факултетот за ликовни уметности, ја имаше својата прва самостојна изложба пред зградата на Филхармонијата. Делото, изработено од железо, кое го претстави на публиката, беше „Тешкото“ оро, составено од скулптури на осуммина играорци во природна големина.

Фото: Мета.мк

„Ова дело го работев три месеци, направено е од отпадно старо железо. Како што можете да видите, користев запчаници, капаци од мотори од фрижидери, арматури, штрафови. Овде има осум метални скулптури, но тоа не е случајно. Осумка, како симбол на бесконечност, осум бидејќи македонското срце чука во седум осмински такт, но и затоа што осум години учев вајарство – четири години во средно и четири години на насоката по вајарство на факултет“, рече тогаш Ајваз.