Студентот Озбек Ајваз ја претстави скулптурата „Тешкото“ направена од отпадно железо

Фото: Мета.мк

Дваесет и три годишниот Озбек Ајваз, магистрант на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, синоќа ја имаше својата прва самостојна изложба пред зградата на Филхармонијата. Делото, изработено од железо, кое го претстави на публиката, беше „Тешкото“ оро, составено од скулптури на осуммина играорци во природна големина.

„Ова дело го работев три месеци, направено е од отпадно старо железо. Како што можете да видите, користев запчаници, капаци од мотори од фрижидери, арматури, штрафови. Овде има осум метални скулптури, но тоа не е случајно. Осумка, како симбол на бесконечност, осум бидејќи македонското срце чука во седум осмински такт, но и затоа што осум години учев вајарство – четири години во средно и четири години на насоката по вајарство на факултет“, вели Ајваз.

Тој за Мета вели дека инспирација му било токму „Тешкото“, бидејќи ова оро си има своја приказна.

„Се игра на Галичник, кога луѓето заминувале на печалба, поради што сите сите се тажни. И во времето на карантините, времето беше многу тешко за сите, па токму тогаш ја добив идејата мотивот да биде токму „Тешкото“. Делото е сработено од рециклирани материјали, со што се потрудив да дадам свој придонес во заштитата на природата“, појаснува Ајваз.

Овој млад надежен ликовен уметник има учествувано во повеќе групни изложби и симпозиуми, а минатата година добил награда за надежен млад уметник во Истанбул. Во моментов е на магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности.