(ГАЛЕРИЈА) Уписи на УКИМ: Најмногу слободни места на ПМФ и ФИНКИ, најголема гужва на Економски

Потенцијалот за високи примања и флексибилноста на информатичките професии беа меѓу најчестите причини што ни ги посочија идните студенти кога ги прашавме зошто одлучиле да се запишат на ФИНКИ

Студенти чекаат на ред за упис на Правниот факултет при УКИМ / Мета.мк

Илјадници потенцијални идни студенти од утрово поминаа низ ходниците и дворовите на факултетите кои се дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, за да се запишат на некоја од студиските програми што ги нуди универзитетот.

Денеска и утре трае првиот уписен рок на најстариот универзитет во земјава. Откако се пријавија електронски, идните бруцоши овие два дена треба да ги достават оригиналните документи и во хартиена форма во службите за студентски прашања.

Најмногу слободни места, според конкурсот на УКИМ, и годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) – вкупно 1.030 и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1.020.

ФИНКИ е факултетот за кој со години постои најголем интерес за студирање, што го прави најголемиот факултет во државата, со безмалку 5.000 студенти.

Сепак, за разлика од минатите две години, кога првиот уписен рок беше проследен со слики од долги редици и гужви, годинава на ФИНКИ уписите на новите студенти се одвиваат поорганизирано и без подолги задржувања.

Примањата и флексибилноста на ИТ-професиите привлечни за новата генерација студенти

„Нешто слично студирав и во средно, и затоа сакав да продолжам на оваа насока на ФИНКИ“, ни рече девојка од Неготино откако ги достави документите за упис на програмата „компјутерски науки“ на ФИНКИ.

„Заради парите. Очекуваме лесно да се вработиме“, низ смеа ни одговорија нејзините сограѓанки и потенцијално идни колешки на прашањето „Зошто го одбравте ФИНКИ?“.

На техничкиот кампус забележавме стотици млади лица и нивни родители кои ги прибираа документите и се подготвуваа да влезат на еден од факултетите и да го завршат и овој дел од процесот на упишување.

Меѓу нив беше и една повозрасна госпоѓа која ни кажа дека го чека внукот да ги остави документите на ФИНКИ и дека му е дојдена како придружба.

„Негова желба е, поради тоа што е перспективно. Наводно, ИТ инженери без работа нема, каде било во светот се дефицитарен кадар. Иако, мислам дека со вештачката интелигенција ќе се сменат работите многу скоро“, ни рече госпоѓата која е родена во Скопје, но живее во Струмица.

Потенцијалот за високи примања и флексибилноста на информатичките професии беа меѓу најчестите причини што ни ги посочија идните студенти кога ги прашавме зошто одлучиле да се запишат на ФИНКИ.

„Ме интересира програмирање, најмногу веб-програмирање, така што очекувам да се стекнам со соодветно знаење и пракса за да можам да се вработам“, ни изјави идна студентка од Куманово.

„Тоа ми беше првично најглавно –  дека можеме да се вработиме и е флексибилно. Можеме да работиме од дома и од канцеларија, за разлика од медицината. Не се пронајдов во медицината, се чувствував како да не припаѓам таму“, рече потенцијална идна студентка на ФИНКИ која учела во средно медицинско училиште.

Поразговаравме и со идните бруцоши на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кои оптимистички ни рекоа дека очекуваат да добијат соодветно знаење, а потоа и лесно да се вработат.

„Се запишав на смерот роботика на ФЕИТ, затоа што повеќе ми се допаѓаше оваа опција отколку опцијата поврзана со роботика на ФИНКИ. Уште од мала ме влече тоа. Во однос на прашањето ‘што по дипломирање’, мислам дека ако навистина го сакаш нештото што го учиш и работиш, сигурно ќе се снајдеш и ќе ти се исплати“, ни рече идна студентка што се запиша на ФЕИТ, а доаѓа од Свети Николе.

Редици на Економски

По техничкиот кампус, обиколка направивме и на општествениот, каде што се наоѓаат Правниот, Економскиот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет при УКИМ.

Од нив, забележително беше дека најголем интерес има за Економски. Надвор пред овој факултет стоеја помалку од десетина студенти, додека внатре нè пречека вистинско изненадување: стотици лица чекаа во ходниците за да влезат во една од просториите, каде имаше уште повеќе нивни колеги кои го чекаат својот ред за да ги остават документите.

Студенти на Економскиот факултет при УКИМ / Мета.мк

„Сакам психологија, но некако се демотивирав кога видов колку студенти прима факултетот. Блиску до тоа ми беше и менаџментот, бидејќи пак вклучува работа со луѓе. Јас би сакала да работам нешто поврзано со човечки ресурси“, ни изјави идна студентка на Економскиот факултет.

Деканот на овој факултет, Предраг Трпески, во изјава за Мета.мк рече дека годинава е регистриран значително поголем интерес за студиските програми на Економски во однос на минатата година.

Најмногу студенти се запишувале на насоките е-бизнис, маркетинг и менаџмент и претприемништво.

„Лично мислам дека тоа се должи, пред сè, на нашите заложби да го подобриме квалитетот на студирање. Интересот е зголемен за околу дваесетина проценти, иако бројот на средношколци годинава беше намален за три проценти во однос на минатата. Ние од пред неколку години, согласно потребите на бизнис-заедницата и според тоа колку реално економисти требаат на пазарот на трудот, ги прилагодивме нашите квоти. Ги прилагодивме и наставните програми по кои учат студентите, не само според програмите што се изучуваат на универзитетите кои се на првите 50 позиции на Шангајската листа, туку и според потребите на бизнис- заедницата. Значително ја подобривме нашата комуникација со бизнис заедницата, фирмите и финансиските институции, на дневно и неделно ниво“, изјави професор д-р Трпески.

„Она што сметам дека е предност кај нас е што ги подготвуваме студентите за вработување, да настапат на пазарот на труд веднаш после дипломирање. Стапката на вработливост на нашите студенти е висока“, додаде деканот на Економскиот факултет.

Првиот уписен рок на УКИМ трае и утре. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени во вторник, на 3 септември, додека конечната ран-листа со решение за прием на кандидатите се очекува следниот петок, на 6 септември.

Запишувањето, пак, е на 11 и 12 септември.

Вториот уписен рок за прием на студенти на оние студиски програми на кои останале слободни места ќе биде на 17 и 18 септември, а третиот на 27 септември.