Фото: Kaboompics.com на Pexels

Повеќе не е прифатливо гигантите во полето на социјалните медиуми да донесуваат самите одлуки за отстранување онлајн содржини, порачува Европската Комисија (ЕК), откако Фејсбук и Твитер ги замрзнаа профилите на претседателот на САД, Доналд Трамп, пишува „ЕУРактив“.

Профилите на Трамп беа блокирани по повиците што претходеа на насилствата во Капитол Хил во Вашингтон минатата седмица. Зборувајќи вчера, Прабат Агарвал, кој е на чело на одделот за еТрговија на DG Connect, формиран од ЕК, порача дека Законот за дигитални услуги на ЕУ се обидува да ја поврати рамнотежата помеѓу отстранувањето содржини и зачувувањето на правото за онлајн говор.

„Според нас, повеќе не е прифатливо платформите да донесуваат самите клучни одлуки, без каква било супервизија, без отчетност и без каков било дијалог или транспарентност за донесување на одлуките. Слободата на изразување е навистина клучна вредност“, порача тој пред Комисијата за внатрешниот пазар во Европскиот Парламент (ЕП).

Ваквиот настап уследи по реакциите од некои парламентарци во ЕП дека одлуката на социјалните медиуми претставува израз на преголема моќ врз слободата на говорот.

„Фактот дека платформите како Твитер и Фејсбук може да решаваат кој може слободно да се изразува е опасна. Со години овие платформи профитираат од обемно распространување манипулации и омраза, што доведе до нападот на Капитол… Треба да ја преземеме моќта врз нашата слобода на говорот од рацете на приватните компании и да ја вративме во рацете на демократските институции“, порача Ким ван Спарентак, од групата на Зелените во ЕП, пренесува „ЕУРактив“.

Одлуката на Твитер да наложи трајна забрана на профилот на Трамп предизвика реакции од видни функционери во рамките на ЕУ, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел. Штефен Зиберт, портпарол на Меркел, рече дека премиерката на Германија „го смета за проблематично тоа што сметките на претседателот на САД се трајно блокирани“.

„Можно е да се интервенира во слободата на изразување, но во склад со ограничувањата поставени од законодавците, а не низ одлука на менаџментот на компанија“, рече Зиберт.

Со сличен став е и францускиот министер за економија и финансии, Бруно ле Мер, кој за француското радио „Интер“ порача дека такви одлуки не смее да донесува „дигиталната олигархија“.

„Регулацијата на дигиталните гиганти не смее да се прави само од дигиталната олигархија“, појаснува тој.