Враќањето на можноста за помилување на учесници во злосторнички здружен потфат за фалсификување на граѓанската изборичка волја во суштина значи судспендирање на уставниот поредок, велат од Граѓанското здружение Фродем.
„Тоа значи суспендирање на волјата на граѓаните и нивното право на глас и истото тоа право во иднина слободно и неказниво да го користат организираните криминални структури за лични и и партиски цели и интереси. Истовремено овој антидржавен акт ќе значи и суспендирање на суштински дел на политичкиот Договор од Пржино со кој е договорен начинот како да се излезе од тешката политичка криза во која се наоѓа државата“, се вели во соопштението на Фродем.
Од Фродем ги повикуваат МВР, специјалното и редовното обвинителство, да ги проверат можните индиции дали ваквиот акт на петте судии е резултат на притисок или последица на кривични дела поврзани со обвиненијата за изборниот фалсификат или други кривични дела.
Од здружението укажуваат дека граѓаните се тие што одлучуваат, дека суверенитетот произлегува и им припаѓа на граѓаните, а дека власта ја даваат и земаат граѓаните.