Фридом Хаус: Руската агресија е најголемата закана за владите ширум светот

Путин, како што се вели во извештајот, предизвика смрт и повреди на илјадници украински цивили, како и војници од двете страни, уништување на клучната инфраструктура, раселување на милиони луѓе од нивните домови, тортура и сексуално насилство и интензивирање на веќе суровата репресија во Русија

фото: Укринформ, архива

Драматичното намалување на политичките права и граѓанските слободи во текот на 2022 година беше поттикнато од директни напади врз демократските институции, без разлика дали станува збор за странски воени сили или за актуелни функционери. Војната и државните удари постојано претставуваа егзистенцијална закана за избраните влади ширум светот.

Ова се вели во најновиот глобален извештај „Слободата во светот 2023“ на Фридом Хаус, кој во голем дел се осврнува и на руската инвазија во Украина, како најголема закана по слободата и демократијата, во светски рамки.

„Во февруари, Украинците беа насилно втурнати во срцето на глобалната борба за одбрана на демократијата од авторитаризмот. Рускиот претседател Владимир Путин, кој веќе ја надгледуваше нелегалната окупација на украинската територија на Крим и Источен Донбас од 2014 година, започна целосна инвазија на земјата. Без оглед на лажните оправдувања за оваа агресивна војна објавени од медиумите на Кремљ под контрола на државата, нивната јасна цел е да го отстрани избраното раководство во Киев и да ги лиши Украинците од нивното основно право на слободна самоуправа“, стои во заклучоците од Извештајот на Фридом Хаус.

Путин, како што се вели во извештајот, предизвика смрт и повреди на илјадници украински цивили, како и војници од двете страни, уништување на клучната инфраструктура, раселување на милиони луѓе од нивните домови, пролиферација на тортура и сексуално насилство и интензивирање на веќе суровата репресија во Русија.

Понатаму, во извештајот се отстапува место и за сојузниците кои отворено ја поддржале руската агресија врз Украина.

„Неколку од авторитарните сојузници на Владимир Путин отворено ја поддржаа неговата војна за агресија против Украина. За земјите од Кавказ и Централна Азија се смета дека ‘лежат во геополитичката орбита на Москва’, но Азербејџан и Казахстан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан одбија да ја признаат руската анексија на украинска територија и сите тие ги почитуваа санкциите против руските банки. Најцврстиот сојузник на Кремљ во регионот и понатаму е претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој зависи од руската поддршка за да ја одржи својата слаба контрола врз власта“, се вели во извештајот.

Понатаму, се нотира дека и покрај фактот што Кремљ потрошил стотици милијарди долари за модернизирање на руската војска во последните две децении, Русија и понатаму е слабо опремена, со недостиг од храна и основни медицински материјали за војниците.

„Многумина во САД и во други држави веруваа во фалбите на Путин дека руските воени капацитети се совпаѓаат со оние на НАТО и дека далеку ги надминуваат оние на Украина, но напредокот на војната брзо ги отфрли овие тврдења. Но, ништо не го спречи Кремљ да испраќа војници во смрт, бидејќи признавањето на поразот би ја загрозило илузијата на сила од која делумно зависи нелегитимната власт на Путин“, пишува во извештајот.

Според Фридом Хаус, најслободни земји оваа година се Шведска, Финска и Норвешка, кои имаат максимални 100 поени, а во првите десет држави се уште и Нов Зеланд (99), Канада (98), Ирска, Сан Марино, Луксембург, Холандија и Данска (97).

На дното на листата се наоѓаат Тибет, Јужен Судан и Сирија кои имаат 1 поен од можни 100, а меѓу 10-те најнеслободни држави и територии се наоѓаат уште и Туркменистан, Источен Донбас, Северна Кореја, Еритреја, Западна Сахара, Крим и Екваторијална Гвинеја.

Северна Македонија е оценета како „делумно слободна земја“ и има резултат од 68 од максимални 100 поени, што е подобрување за еден поен во споредба со лани.

Ова е највисоката оценка за земјава според рангирањето на Фридом Хаус од 2017 година, иако редовно спаѓа во „делумно слободни земји“.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.