Формирано ново тело што треба да стави ред во високото образование

Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат ќе мора да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата, кажа Мицкоски

Photo by Sincerely Media on Unsplash

Владата формираше тело кое треба да воспостави ред во високо образовните установи во земјава, а без акредитација и дозвола за работа ќе останат оние кои нема да ги отстранат недостатоците, ова го најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека вчера на владина седница ја задолжил министерката за образование и наука заедно со лица од ова тело, да излезат на терен да направат анализа на сите универзитети и факултети и државни и приватни.

„Онаму каде што ќе се констатираат недостатоци да им се даде разумен рок да истите, тие недостатоци да бидат отстранети. Ако тоа не го направат ќе бидат затворени“, кажа Мицкоски.

Тој кажа дека се засрамил кога бил во Вашингтон и во Лондон, каде му рекле дека во Македонија преку ден се добиваат дипломи.

„Тоа не може да се случува повеќе. Јас доаѓам од високото образование, не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат ќе мора да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата“, додаде премиерот.