Фондацијата „Метаморфозис“ одржа обука за ГО и новинари за заштитата на личните податоци

Обука за заштитата на личните податоци за граѓански организации и новинари. Фото: Мета.мк, 4 март 2022

Што сѐ претставува личен податок, како и по кои законски норми и за кои потреби може тие да се прибираат од граѓаните, потоа – како и колку долго да се чуваат, беа темите што се разработија на обуката за граѓански организации и новинари на тема „Заштита на личните податоци во процесот на дигитализација на јавните услуги“.

На обуката организирана од Фондација „Метаморфозис“, обучувачот Елена Стојановска, која зад себе има 17 години работа во сферата на заштитата на личните податоци, покрај упатувањето на учесниците на обуката во основните поими и во законските норми и добрите практики за заштитата на личните податоци, понуди и директни насоки како граѓанските организации (ГО) да прибираат лични податоци од граѓаните со кои соработуваат во некоја форма и како смеат да постапуваат со нив.

Новиот Закон за заштита на личните податоци (Службен весник на РСМ бр.42/20) е донесен во февруари 2020 година, целосно усогласен со General Data Protection Regulation 2016/678 (Општа регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци)

Новиот закон стапи на сила на 24 август 2021 година, а до крајот на минатиот месец се применуваше ограничено, односно само со опомени. Но од почетокот на овој месец веќе е истечен мораториумот за казнување што се применуваше досега, и затоа под одговорност при работењето со личните податоци на граѓаните, односно нивното прибирање и чување, се и државните и локалните институции, но и бизнисот, граѓанските организации и изработувачите на софтвер и сопствениците на различни веб-сајтови што прибираат лични податоци од своите корисници.

„Личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице. За дел од тие лични податоци и во одредени области, според законски одредби, не се бара согласност од граѓанинот, но за дел мора да се побара“, рече Стојановска.

Фото: Мета.мк

Зборувајќи за дел од позначајните измени што ги донесува новиот закон, таа нагласи дека сега во категоријата на лични податоци е ставена и IP-адресата од којашто се пристапува до некој онлајн-сервис, веб-страница или од која се користи некоја дигитална услуга.

Посочувајќи дека најчесто прибирањето лични податоци е работа што се превзема поради остварување на некое право или услуга, во принцип и податоците треба да се чуваат – безбедно и со ограничен пристап – онолку долго колку што се пружа услугата, освен во случаи кога со закон не е дефиниран прецизен период на чување, нагласи Стојановска.

Во дводневната обука организирана од Фондација „Метаморфозис“, што се одржа вчера и денеска, учествуваа претставници на Здружение за социјални иновации АРНО, Центар за интеркултурен дијалог – Куманово, „Сите за правично судење“, Младински образовен форум, како и новинари на „Мета“ и „Порталб“.

Во текот на обуката во „Млади HUB” во Скопје, низ практичните вежби, тие изработија и свои предлози за „известувања за политиките за приватност“, во согласност со законските норми, за некои од најкористените електронски услуги за граѓаните што ги овозможуваат државни органи денес.