Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски освои уште седум трофеи

Фото: Маја Аргакијева

Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски изминатава недела освои вкупно 7 трофеи – три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз.

„Врба“ беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a актерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Филмот во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер за Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката.

Теодосиева, исто така изминатата недела, е добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.

Филмот „Врба“ има интензивен фестивалски живот и две години после светската премиера, во октомври 2019 на Римскиот филмски фестивал. Досега, освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и најдобра режија на Реинденс во Лондон, најдобар филм на Синеквест во Калифорнија, Сребрена палма во Валенсија …

„Врба“ собори рекорди во кино и тв прикажувањето дома, забележа извонредни критики во светските медиуми („Суптилен и длабок“ – Варајати), се прикажа на четириесетина фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со редовна дистрибуција во САД.

Манчевски оваа есен го монтира неговиот седми филм „Кајмак“, „безобразна комедија“ кој продуцентската куќа „Банана филм“ го најавува како безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.