Филмот „Сестра“ на Дина Дума добитник на награда на престижниот фестивал во Карлови Вари

„Сестра“ – дебитанскиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума, во продукција на Лист продукција ја освои престижната Специјална награда од жирито во програмата „Источно од Западот“ (East of the West) на 55. издание на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари. Станува збор за еден од најстарите и најпознати филмски фестивали во Европа, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.

Филмот „Сестра“ е приказна за две тинејџерки, чие пријателство е ставено на тест кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.

„Честитки на оваа мнозински женска филмска екипа! Инаку успехот на „Сестра“ го гледам и како потврда за довербата што Агенцијата за филм во последните години им ја укажува токму на дебитантите, поддржувајќи ги на сите конкурси “ – истакна Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Филмот „Сестра“ е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија во 2017 година, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.