Фестивал на инклузија: Да ја искористиме културата да биде мост за надминување на различностите

„Културата на инклузија треба да ја градиме заедно, чекор по чекор да создаваме вистински вредности на припаѓање и прифаќање во секој сегмент“ рече Трипков

Фото: Здружение за афирмација на правата на лицата со попреченост Икуалити

Со многу насликани детски творби во прекрасни бои и преку различни активности се создадоа незаборавни спомени, широки насмевки и се стекнаа нови пријателства помеѓу сите генерации за време на вториот Фестивал на инклузија, кој оваа година се одржа во скопската општина Кисела Вода.

„Од најмала возраст дечињата да сфатат дека треба да ги прифатат нивните другарчиња кои имаат попреченост затоа што сите се еднакви и сите имаат потреба да бидат заедно во играта и учењето и во градинка и во основно и во средно училиште, треба да се срушат бариерите на неприфаќањето, а инклузијата да се пренесе и во домовите на сите деца“, се само дел од пораките кои беа упатени на Фестивалот.

Присутните имаа можност да ја видат изложбата на фотографии од Драги Неделчевски и Небојша Гелевски на тема „Запознавање и прифаќање“. Ги гледаа филмовите „Вклучи не исклучувај“ за совети за пристапување на деца кон врсници со попреченост, краткометражниот „Допир“ и „Поздравот“.

Околу 50 деца на возраст од 5 до 15 години учествуваа на работилницата за цртање на тема „Што е среќа“, под будно око на Соња Абаџиева. А, заедно со Симона Трипкова и Тања Алексовска цртаа саксии и садеа цвеќиња. Многу од нив учеа и балет и се радуваа за време на магионичарско забавно шоу.

Пред стотици млади, во три вечери по ред настапија миленикот на тин-генерацијата Пајак, незаменливите Функ Шуи, како и поп-пејачот Ламбе Алабаковски и пријателите кои го дадоа својот глас за лицата со попречености.

Публиката не остана рамнодушна ниту на македонската химна, која со користење и на знаковен јазик ја изведоа дечињата од инклузивниот хор од ОУ „Кузман Јосифовски Питу“. Позитивни реакции имаше и за изведбата на наградуваната театарска претстава на Инклузивното танцово студио „Еурека“.

Фото: Здружение за афирмација на правата на лицата со попреченост Икуалити

Во рамките на настанот, се одржа и јавна дебата на која панелистите говореа за секојдневната борба за подобрување и овозможување на еднакви услови за сите. Сите кои имаа можност да дојдат, ја слушнаа и дефиницијата за инклузија, која значи процес на вклучување на лицата од сите општествени категории, вклучително и пред сè на оние од општествената маргина или намерно и целно исклучените, создавање услови за нивна партиципативна вклученост на локално и национално ниво и создавање на услови за подобрување на квалитетот на нивното живеење.

Тане Димовски, раководител на секторот за образование, спорт, култура и социјална заштита во Општина Аеродром како значаен успех истакна дека децата со посебни потреби бесплатно два до три пати пливаат со асистенти со кои изведуваат вежби, а во училиштето „Александар Македонски“ се изведуваат моторички вежби за деца од прво до деветто одделение.

Тој се осврна и на постојаната потреба од образовни асистенти во градинките, основните, но и средните училишта, за кои сè уште се чека да се усвои Законот за средно образование.

Фестивал за инклузија: Лицата со попреченост заслужуваат многу повеќе

Директорот на ОУ „Рајко Жинзифов“, Горанчо Јакимов посочи дека иако постојат училишта кои имаат рампи и лифтови за непречено движење на учениците со попреченост, за правилен развој на децата многу е важно и да се препознаваат и вреднуваат квалитетите и талентите кои ги поседуваат преку создавање на инклузивна клима.

„Наставниците се првите кои треба да ги препознаат квалитетите на учениците со попреченост и на тој начин значајно ќе помогнат во надминување на нееднаквоста. Исто така организирањето на настани за децата уште од најрана возраст и вклучување на децата во културни или спортски активности е уште една можност за надминувањето на предрасудите и создавање мост за развивање на комуникација меѓу учениците без разлика дали имаат или немаат попреченост“ изјави Јакимов.

Гере Трипков од „Икуалити“ истакна дека инфраструктурните проблеми, како непостоењето на доволно рампи и лифтови, не се само препрека со која се соочуваат лицата со физичка попреченост, туку и мајките кои своите бебиња ги возат во колички, а и постарите и изнемоштени лица имаат потреба од лесен пристап до институциите и своите домови, и тоа се теми коишто тлеат. Затоа, тој изрази надеж дека во блиска иднина сите училишта ќе имаат соодветни услови за сите деца со посебни потреби.

„Културата на инклузија треба ја градиме заедно, чекор по чекор да создаваме вистински вредности на припаѓање и прифаќање во секој сегмент“, рече Трипков.

Катерина Јолакоска од танцовото студио „Еурека“ истакна дека како долгогодишен културен работник со деца и млади би обрнала внимание на тоа колку вклучувањето на лицата со попречености во културата и уметноста е важна за нивниот развој.

„Секако дека често ќе кажеме и ќе слушнеме дека немаме основни услови за живот, дека има побитни работи во здравството или во образованието. Но, јас би кажала дека вклучување на лицата со попреченост во уметноста и културата додека се млади значително помага во подобрувањето на нивното ментално здравје, подобрување на расположението и подобрување на физичкото здравје. А, оттука преку вклучување на родителите на овие деца и млади произлегува и подобрување на нивната ментална и психичка состојба со тоа што им даваме една позитивна мисла и воља за живот“, рече Јолакоска.

Таа ја потсети јавноста дека треба да ги охрабруваме родителите на децата со попреченост да посегнат по можностите и да не се плашат како ќе бидат прифатени од околината, затоа што лицата со попречености имаат големи потенцијали и можат многу да придонесат за културната сцена.

„Ние не се плашевме. Иако имавме навистина негативен отпор, ние пред 23 години интензивно почнавме да работиме кога ја поставивме првата инклузивна танцова претстава „Пепелашка“. Морам да признаам дека многу луѓе гледаа со недоверба како тие деца, тие луѓе со колички ќе застанат на големата сцена на Опера и балет и како ќе бидат прифатени и како ќе танцуваат. Ни велеа: ’Не ги залажувајте.‘ Но, ние бевме упорни во тоа и верувавме. Веруваше и големиот тим и Националната опера и балет и родителите на 220-те членови кои беа дел од првата инклузивна претстава“, се сеќавање раскажува Јолакоска.

Таа нагласи дека оттогаш па до сега студиото „Еурека“ направила многу успешни проекти чии бројни награди не може да ги изброи. Од минатата година доби три дополнителни термини од Националната опера и балет наменети за учениците од основните училишта. Но, сега се соочуваат со предизвик како информацијата да стигне до училиштата, односно до наставниците, децата и нивните семејства.

Фестивалот на инклузија, на тема „Културни политики за инклузија“ оваа година беше во организација на Здружението за афирмација на правата на лицата со попреченост Икуалити и Визија плус, со поддршка од Општина Кисела Вода.