Фестивал за инклузија: Лицата со попреченост заслужуваат многу повеќе

Фото: Мета.мк

Оваа седмица започна со многу емоции и многу љубов. Присутните на Фестивалот за инклузија кој се одржа во понеделникот не можеа да ги задржат солзите. Тие плачеа од воодушевување кога по работилниците за креативно изразување за лица со и без попреченост и работилницата за развивање на комуникациски вештини низ дружење со лица со оштетен вид и слух, сцената се наполни со млади танчери и актери.

Младите од студиото за танц Еурека, инклузивниот хор Трисомија 21 и Колектив Ветерница, многу музички ѕвезди меѓу кои и Игор Џамбазов, а и пијанистката Ема Ананиевска порачаа дека кон лицата со попреченост не треба да се гледа како кон „Баба Рога“ и дека треба да се развие емпатијата.

„Вклучи инклузија и нека остане вклучена“, порача Гере Трипков од Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост Икуалити кое го организираше фестивалот. Тој нагласи и дека нема да застанат само на овој настан туку ќе работат нивниот глас да се слушне.

Меѓу публиката која уживаше во балетските перформанси и музичките изведби беше присутен и евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој за Мета.мк изјави дека е прекрасно да видат овие млади луѓе како танцуваат заедно и што сè можат да направат кога се здружени.

„Мислам дека инклузијата е предизвик во многу земји, но како што може да видите носи големи придобивки бидејќи ги сплотува луѓето во заедницата кои се грижат да придонесат на позитивен начин со сите нивни вештини. Има многу нешта кои треба да се направат. Овој начин е прекрасен, преку индивидуални иницијативи, граѓански здруженија и поединци. Но, исто така треба и ангажман од Владата за деинституционализација со што овие лица ќе бидат во училиштата и ќе бидат во контекстот. Овде има добри постигнувања, но се разбира секогаш може да се направи повеќе. Би било добро да се споделат искуства од другите земји од Европска унија“, рече амбасадорот Гир.

Средношколците со посебни потреби чекаат на Законот за средно образование за да добијат образовни асистенти

Никола Стојановски, средношколецот кој има Даунов синдром учествуваше скоро во сите перформанси заедно со своите пријатели. Радоста просто бликаше од неговото лице. Но тој, иако изминаа веќе два месеца од почетокот на учебната година на училиште сè уште оди без образовен асистент и чека да се усвои Законот за средно образование за да може да го оствари своето право.

Фото: Приватна архива

Најновите инфрмации кои Мета.мк ги доби од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири се дека новиот Закон за средно образование се изработува.

„Имаме првична, солидна верзија, креирана со сите засегнати чинители и таа ќе биде проследена до Владата, а потоа и до Собранието на финална дебата и усвојување. Се надевам дека целиот процес ќе се заврши поскоро и ќе биде усвоено најдоброто законско решение кое ќе обезбеди образовна асистенција за учениците со попречености и во државните и општинските средни училишта“, изјави Шаќири.

Во меѓувреме, амбасадорот против говор на омраза и минатогодишниот добитник на наградата „Европеец на годината“ Денис Јанкуловски смета оти Законот за кој Министерството за образование вели дека е во фаза на изработка треба да се усвои што поскоро.

„Пред летото некои од родителите имаа информација дека наводно во текот на август ќе биде донесен Законот, но ете, сè уште не е. Начинот на решавање на проблемот со образовни асистенти е веројатно едно од најтешките прашања, од аспект што претпоставувам дека веројатно нема доволен број, но исто тука мислам дека е голем проблем и финансирањето, односно прво изворот од каде доаѓаат парите но и висината. По сè изгледа останува семејствата сами да се снаоѓаат, онолку колку што можат бидејќи прво не секој успева да најде асистент и не секој може да одвои средства од буџетот за плаќање на асистентот. Или поедноставно кажано – само тие си знаат како им е“, рече Јанкуловски.

Амбасадорот Гир говорејќи за ова прашање препорача да се разгледаат и примерите и искуствата од Италија.

„Поддршката од образовните асистенти може да направи голема разлика. Навистина, да се видат лицата како бргу се развиваат и учат и можат да бидат дел од општеството. Оваа асистенција е навистана значајна за да можат да го покажат најдоброто од себе и да придонесат, затоа што тие имаат многу што да дадат“, порача Гир.