Фото: twitter.com/AmbassadorEU

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, во посебен твит со фотографија од Охридското езеро, објави дека на крајбрежјето нема место за дивоградби и тие треба да се отстранат за да се зачува природното и културно богатство на овој регион.

Во објавата Гир напиша:

Нелегалните градби немаат место покрај Охридското Езеро и треба да бидат отстранети. Уникатното природно и културно богатство на регионот – признаено од УНЕСКО – мора да се зачува. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние, исто така, инвестираме во работни места во угостителската индустрија денес и утре. #ВладеењенаПравото

Во објавата на евроамбасадорот е означена министерката за култура Ирена Стефоска.

Градоначалникот на Охрид преку порака на фејсбук, му се заблагодари на евроамбасадорот Гир за поддршката, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

„Упатувам јавна благодарност до амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, за неговата силна поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Особено сум горд што нашите стратешки партнери од ЕУ ги препознаваат нашите заложби за почитување на законите и владеење на правото, со што ставаме крај на децениската деградација на крајбрежјето”, напиша Георгиески, како одговор на пораката на евроамбасадорот Гир.

Општина Охрид од вчера почна со отстранувањето на платформите и на другите објекти на познатите плажи покрај езерото, кои неколку години работеле нелегално и со истечен договор за концесија.