Фото: Влада на РСМ

Во Македонија сè уште нема ниту една енергетска задруга. Концептот на здружување на граѓани или јавни институции од една локална заедница заради остварување на заедничка цел, во случајот производство на енергија од обновливи извори, во развиените западноеверопски земји одамна е реалност. Веќе неколку години енергетските задруги се практикуваат и во земјите од регионот, Хрватска, Србија и Грција и имаат многу позитивни резултати. Во Македонија, пак, иако е една од земјите со најголем број сончеви денови, енергетските задруги сè уште не се практика.

Земјата, со донесувањето на Стратегијата за енергетика, особено со целите на зеленото сценарио, докажа дека цели кон рационално и етичко искористување на ресурсите на планетата, особено на енергијата од сонцето и од ветерот, како примери кои имаат најмал импакт врз животната средина и кои најмалку допринесуваат за емисии на јаглероден диоксид и климатските промени. Во таа насока, воведувањето на задругите, сметаат експерти, е еден од најуспешните начини на децентрализација на енергетиката и големо олеснување за исполнување на целите од Стретегијата по затворањето на термоелектраните на јаглен ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Битола до 2025, како и за зголемувањето на уделот на енергијата од обновливи извори.

„Енергетските задруги се вистински начин за демократизација на енергетскиот сектор. Доколку сакаме од конвенционални да преминеме на обновливи извори, децентрализираниот пристап и задругите овозможуваат и малите, индивидуални инвеститори да се вклучат на пазарот, покрај големите компании. Така новите работни места нема да бидат единствената придобивка, туку граѓаните би добиле и многу подостапна цена на електрична енергија, како и потенцијални приходи“, посочи Ивана Вучкова, проектен координатор во Фондацијата „Фридрих Еберт“, на конференцијата „Училишта на сончева енергија“, организирана од невладината организација „Гоу грин“. Тоа, смета Вучкова, е фер дистрибуција на придобивките и подеднакво учество во донесувањето одлуки во производството и дистрибуцијата на енергија. Тоа секако би ги поттикнало и граѓаните подомаќински да се однесуваат со планирањето и трошењето на енергијата.

Енергетската задруга е во сопственост на локалната заедница, а се основа преку доброволно здружување на членови на таа заедница заради остварување на заеднички економски, еколошки и социјални цели. Тоа, во случајот се пониска или прифатлива цена на електричната или топлинската енергија, остварување на профит, заштита на животната средина и просперитет на заедницата од вршењето на дејноста производство на енергија. Позитивните примери од светот покажуваат дека здружувањето во задругите значи придобивки за целата заедница и мотивација да се забрза транзицијата во одржливи енергетски системи. Во моментов, според Вучкова, Фондацијата “Фридрих Еберт” во соработка со тим на експерти и претставници од општина Карпош во Скопје работи на креирање на првиод предлог модел на енергетска задруга кај нас, наменетa за оваа општина, а резултатите и препораките ќе бидат објавени за неколку месеци.

„Енергетските задруги имаат голем придонес во борбата со климатските промени и намалувањето на глобалното затоплување преку адаптација на енергетскиот сектор кој со постојаниот раст на побарувачката за енергија има огромно влијание на климата. Тоа значи дека на долг рок енергетските задруги ќе допринесат за подобрување на квалитетот на нашиот живот и здравје, бидејќи и сега пандемијата на Ковид 19 не потсети колку е важен чистиот воздух и намалувањето на штетните емисии, што ќе допринесе и за намалување на респираторните болести“, вели Вучкова.

Стратегијата за енергетика предвидува до 2040 година околу 400 мегават часови енергија да се добие од обновливи извори, поточно од сонцето, преку системи поставени на крововите на индустриските, комерцијалните и станбените објекти.

„Една од мерките на Стратегијата на која интензивно работевме е изградба околку 400 мегавати фотонапонски системи на кров, што воопшто не е мала бројка. Предвидено е околу 100 мегавати да бидат инсталирани на индустриски капацитети, а останатите 300 мегавати да се дистрибуираат меѓу домаќинствата и комерцијалниот и услужниот сектор“, посочи Александар Дединец, научен соработник во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ.