Елпида Хаџи – Василева покрена иницијатива за спасување на најстарото „близнак“ дрво во светот

Фото: Принтскрин од краткиот филм Short film introducing The Gilded Elm Tree

Еден од најстарите брестови во светот се наоѓа во Престон Парк во Брајтон. Станува збор за брест – „близнак“ стар 450 години што моментално е опфатен со болест што доведува до негово изумирање.

Уметницата Елпида Хаџи – Василева која по потекло е од Кавадарци, а веќе подолг период престојува во Обединетото Кралство, ја поттикна иницијативата за информирање на што повеќе луѓе за донации потребни за да се спаси животот на заразениот брест.

Таа е креатор на проектот што прибира 5000 британски фунти, средства што би овозможиле дрвото да ја задржи својата форма и големина одржувајќи го неговиот статус на најстарите „близнак“ брестови во Англија и едни од ретките во Европа.

Во повикот за иницијативниот проект пишува дека дрвото било преместено во „Тајната градина“ во Кемптаун, каде по третманот ќе биде изложено, а потоа повторно вратено во Престон Парк.

„Овој проект помага повеќе луѓе да се запонзаат со болестите што ги зафаќаат брестовите и општо за другите болести на дрвја. Ќе ги информираме студентите, локалното население и поширокиот дел од популација за историјата и последиците од ужасните болести и нашата улога за заштита и спречување ваквите болести да се шират. Дрвјата можеби се истребуваат, но тие мора да живеат во нашите сеќавања, знаење и искуство. Проектот е последна шанса да се задржи и прослави нивното исчезнувачко минато“, стои во повикот на Елпида.

Досега како средства се собрани 810 британски фунти или 16 отсто од посакуваната сума. Донирањето и повеќе информации може да се пронајдат на веб-сајтот на проектот.

Елпида Хаџи-Василева е уметница која има повеќе децениска меѓународна кариера. Има дипломирано скулптура на Уметничката школа во Глазгов и магистрирано на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа ја претставуваше Македонија на Биеналето за ликовна уметност во Венеција во 2013 година со своето дело „Silentio Pathologia“ кое пред неколку месеци беше поставено во Националната Галерија, „Мала Станица“.