fbpx

Елизабета Ѓоргиевска: Економската криза не само што не смее да биде изговор за исклучување, туку е причина што повеќе да се зголеми вклучувањето на жените во претприемништвото

-

Првата дама, Елизабета Ѓоргиевска денеска се обрати на отворањето на Конференцијата „Од марш за работнички права до дигитална економија“ што се одржа во организација на Центарот за управување со промени, а под нејзино покровителство.

Изразувајќи благодарност за поканата да зборува на оваат тема, таа рече дека во период на голема неизвесност, помеѓу пандемијата која што полека стивнува и воениот конфликт што се разгорува помалите економии, каква што е македонската, диспропорционално ги чувствуваат ефектите од кризите.

„Искуствата од големите економски кризи на 20 век покажуваат дека први на удар најчесто се жените. Но, исто така, расположливите податоци зборуваат дека токму жените кои се избориле за своите работнички права имале клучна улога во економското закрепнување на своите држави. Според најрелевантните меѓународни студии рамноправното учество на жените на пазарот на трудот го поттикнува економскиот раст и создава вредност за целото општество. Компаниите кои на раководни позиции имаат и жени се честопати поуспешни поради пошироките видици и перспективи. Државите со поголема родова избалансираност многу побрзо и многу полесно ги пребродуваат економските кризи“, рече Ѓоргиевска.

Првата дама истакна дека кога ќе се земат предвид придобивките на рамноправното учество на жените на пазарот на трудот и во претприемништвото, се наметнуваат следните прашања: зошто, и покрај овие аргументи, многу земји во светот, меѓу кои и Република Северна Македонија, заостануваат во остварувањето на родовата избалансираност? Зошто постои „стаклениот плафон“ што го попречува кариерното напредување на жените во компаниите? Зошто, дури и да успеат да напредуваат, честопати жените се помалку платени од нивните мажи-колеги?

„Северна Македонија има успешни жени претприемачки. Вие, тука присутните, сте дел од нив. Со вашите професионални успеси вие сведочите дека нема област во која жените не можат да бидат на раководни позиции и да создаваат вредност за своите компании. Но, проблемот е што на жените претприемачки се уште се гледа како на исклучок од правилото“ рече Ѓоргиевска.

Според неа, причините вклучуваат општествени стереотипи што ги делат професиите на „машки“ и „женски“, но и системски недостатоци – недоволен број на градинки за децата и служби за грижа за старите и болни лица, а свеста за рамноправноста треба да се гради од најрана возраст и континуирано низ сите етапи на образованието.

Ѓоргиевска се осврна и на пандемијата со Ковид-19 која наметна многу жени претприемачки да мораат истовремено да работат од дома и да се грижат за своите семејства поради здравствените протоколи и онлајн наставата.

Првата дама потсети и на последениот извештај за индексот на глобален родов јаз на Светскиот економски горум кој покажува дека родов паритет е постигнат само во оние професии на иднината поврзани со културата и создавањето содржини.

„Во останатите кластери на професии на иднината има голема нерамноправност меѓу мажите и жените. Овој јаз е поголем токму во секторите што бараат иновативни дигитални и технички знаења и вештини, а врз кои се темели дигиталната економија. Ваквата нееднаквост на можностите го успорува економскиот раст и развој на државата“ нагласи Ѓоргиевска.

Првата дама порача дека економската криза не само што не смее да биде изговор за исклучување, туку е причина што повеќе да се зголеми вклучувањето на жените во претприемништвото.

„Сите ние треба да придонесеме кон создавање на поволен деловен амбиент, системска поддршка и инфраструктура за развој на женското претприемништво, и да вложуваме во промоција, во вмрежување и застапување за жените во бизнисот. Тоа вклучува носење и на законски решенија и добра контрола за нивната имплементација“, рече Ѓоргиевска.

Таа додаде дека сето ова значи дека борбата за правата на жените што започнува во 19 и 20 век, е далеку од завршена работа.

„Ние не треба да се бориме само за поголемо учество во традиционалните професии од кои некои неминовно ќе исчезнат, туку да се залагаме за што поголемо учество на жените во новите, иновативните професии. На тој начин ќе осигураме жените да бидат витален дел и од дигиталната економија. Само така ќе изградиме претприемачки еко-систем за постојан развој на женското претприемништво. Само така ќе ја оствариме визијата за зајакнато женско претприемништво како сила која придонесува кон создавање на поволна бизнис клима, кон развој на постоечките и отворање на нови претпријатија и индустрии, креирање на нови работни места и професии, а со тоа и јакнење на целокупната економија“, заклучи Ѓоргиевска.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...