„Скопска Црна Гора ја поздравува пролетта“ – голема акција за чистење на отпадот

Фото: Мета.мк

Голема акција за чистење на повеќе локации на Скопска Црна Гора се планира за в недела.

Во 16-тата епизода на Шорткат Мета.мк објави дека иако на Скопска Црна Гора имало обиди да се спречи создавањето на депониите и има ископани канали што би спречиле дури и поголеми возила да истовараат отпад, забележливо е дека има многу граѓани кои не се откажуваат од загадувањето на природата. 

По патеките има фрлен градежен материјал, мебел, фрлени хаварисани автомобили, разни видови амбалажа од прехранбени производи, но и пцовисани животни.

Затоа, група граѓани в недела со почеток во 10 часот ќе организираат голема акција за чистење на планината под мотото „Скопска Црна Гора ја поздравува пролетта“.  Повикани за учество се сите што посакуваат за Скопска Црна Гора пак да биде чиста – колку што е убава!

Појдовни пунктови ќе бидат во селата Бразда – средсело, Кучевиште – школскиот двор, Побожје – последна автобуска, Бродец – чешмите.

Волонерите кои ќе се приклучат на акцијата потребно е да понесат ракавици, кеси, и по можност фаќалки, гребла со лопатки.