Електронска цигара за деца од „Фајзер“ – не постои

Не е вистина дека на деца во македонска градинка им бил даван вејп како на фотографијата, бидејќи тој не постои и не е точно дека бил произведен од „Фајзер“, туку станува збор за меме

-

Покрај тоа што не постои, таква играчка како што се споделува во објавата што ја рецензираме, уште помалку е вистина фармацевтскиот гигант „Фајзер“ дека има каква било врска со овој непостоечки производ. Странски проверувачи на факти пишуваат дека фотографиите од „мојата прва играчка вејп“ не се автентични, туку се меме. Исто така, не е точно дека сè што се случува на полето на вакцинацијата во градинките е незаконско. Напротив, задолжителната вакцинација е законски регулирана. Не е вистинито ниту тврдењето дека во македонска градинка на децата им лепеле налепници. Се работи за случај од Калифорнија. Но, точно е дека Јавното обвинителство лани почна предистрага за случај во Велес поради сомнежи дека негувателка им дала на неколку од децата електронска цигара, пишува „Вистиномер“.

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Што се случува во градинките? Знам дека во моментов многу родители се вознемирени дека дечињата не им ги примаат во градинките поради непримени одредени вакцини. Не заборавајте, вакцинацијата е право на избор и никој не смее да ве принуди на боцкање доколку сте се информирале и така сте одлучиле.
Се’ што се случува на тоа поле е незаконско, впрочем како и на многу други полиња.
Но, она што сакав во овој пост да го кажам е да обрнете внимание на некои не баш нормални работи кои се случуваат во градинките.

Пред неколку месеци имаше случај во Велес за кој требаше и ЈО да подигне обвинение (не знам што се случи) против негователка која на децата им даваше да павкаат “цигари”.

Мене лично за тоа ме извести друга мајка, од Штип која исто како видеото, го има снимено своето дете како и раскажува за цигарите кои им ги дава негувателката. Жената поднесе и писмено барање до градинката да и одговорат, тие се разбира, негираа. Понатаму, не знам што се случи ..Слики од цигарите кои им ги давале во градинката во Штип се во постот. Од Фајзер се.

А на видеото детенцето раскажува дека негувателките во градинка им ставале некакви лепенки. Мајката приметила промена во однесувањето на детето, јадењето, спиењето и случајно ги открива лепенките ..тие го намалувале апетитот, предизвикувале поспаност и сл.
Па чисто сакав да спомнам, да обрнете малку повеќе внимание што им прават на децата (можеби ништо од ова) или пак да се организирате меѓу себе да си чувате деца?

Во склоп на објавата се споделуваат две фотографии од наводниот производ „мојот прв вејп“ (електронска цигара), како и видеоматеријал од Калифорнија каде на децата во градинка во една група им биле лепени лепенки за смирување по што родителите реагирале и не биле прашани за дозвола. Настанот во Калифорнија е медиумски покриван и датира од декември 2023 година, но другиот, оној со „детскиот вејп“ е чиста измислица односно шега и сатира, која во објавата што ја рецензираме се пренесува како вистина. Покрај тоа што не постои таква играчка, уште помалку е вистина дека фармацевтскиот гигант „Фајзер“ има каква било врска со производството. Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, фотографиите од „мојата прва играчка вејп“ не се автентични, туку се меме (фотографија која се користи на социјалните мрежи за сатира).

Играчката не е вистинска и мемето првпат беше споделено од маркетинг агентот од Њујорк, Адам Падила во 2017пишува Ројтерс.

Истото го наведуваат и проверувачите на факти на Сноупс, со оглед на тоа што на социјалните мрежи оваа фотографија од бројни корисници била доживеана како вистинска, иако е чиста сатира.

Играчката не постои и „промотивниот материјал“ односно фотографијата е шега создадена од Адам Падила, кој изработува бројни мемиња на различни теми, пишуваат проверувачите на факти на Сноупс.

Тие зеле изјава од самиот автор на мемето кој им доставил и драфт верзија од истото и посочил дека немал никаква агенда за креирање на мемето, туку само да ги забавува другите.

Сметав дека ќе биде смешен дизајн за бебешка играчка. Ништо подлабоко од тоа. Многу од моите пријатели користат вејп и ги гледам вејповите постојано, некои луѓе мислеа дека имало некои задни намери, но ако ја погледнете мојата страница ќе видите дека ова е едно од стотиците слични лажни производи кои ги креирам на фотографија. Мојата единствена агенда е забавата. Не сакам да ѝ наштетам на ниедна индустријаизјавил за Сноупс авторот на фотографијата.

Во објавата исто така се пишува и за случајот во Калифорнија и тој се доведува во корелација со Северна Македонија сосема неаргументирано. Во македонската јавност никогаш немало пласирано никаква информација дека на деца во градинки или во основни училишта им биле лепени лепенки за смирување од страна на кој било од кадарот што ги чува и воспитува, барем според тоа што е јавно достапно. Наставничката во Калифорнија, пак, според медиумските извештаи, беше обвинета токму за тоа, дека  на децата им лепела налепници за смирување на расположението.

За случајот со негувателката во Велес, кој се посочува во објавата, Јавното обвинителство по допрен глас почна предистрага за да се утврди дали негувателката им дала на деца, кои ѝ биле доверени на чување, електронска цигара. Меѓутоа, таа електронска цигара не би можела во никој случај да е онаа на фотографиите од објавата што ја рецензираме, зашто како што напомнавме, таа електронска цигара за деца не постои туку се работи за  сатирична објава. Уште помалку е произведена од „Фајзер“, како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Во врска со делот од објавата во кој се споменува вакцинацијата и дека тоа е право на избор, односно дека „сè што се случува на поле на вакцинацијата е незаконско“ во С. Македонија, и тој дел е невистинит и неаргументиран.

Имено, во Северна Македонија согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, во услови на прогласена епидемија, инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаат право да забранат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца да одат во градинките.Тоа е заради заштита на сите деца.

Во земјава задолжителната имунопрофилакса и хемопрофилакса е законски регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести и Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.

Имунизацијата против одредени заразни болести се спроведува како задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (HiB), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla) и инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV) за сите лица на одредена возраст.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Не е вистина дека на деца во македонска градинка им бил даван вејп како на фотографијата, бидејќи тој не постои и не е точно дека бил произведен од „Фајзер“, туку е меме. Исто така, не е точно дека сè што се случува на полето на вакцинацијата во градинките е незаконско. Задолжителната вакцинација е законски регулирана. Не е вистинит ни делот од објавата во кој се наведува дека во македонска градинка на децата им лепеле налепници, туку се работи за случај од Калифорнија. Но, точно е дека Јавното обвинителство почна предистрага за случај во Велес поради сомнежи дека негувателка им дала на неколку од децата електронска цигара.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мицкоски: Ќе му биде врачен демарш на бугарскиот амбасадор Радуков

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави ќе му биде врачен демарш на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија Желјаско Радуков во врска со неистакнувањето на македонско знаме за време на посетата...