Се работи за објава во која се пропушта контекстот поради фактот што не е наведено дека повикот на украинската амбасада не е нов и активен, туку стар и после него следуваше соопштение од МНР во кое се известуваат државјаните на Северна Македонија дека учеството во странска војска е кривично дело. Исто така, во Украина нема војници на С. Македонија, па поради тоа не може да се направи ни пејоративната паралела „до последниот севержистанца“. Инаку, тоа е дел од поширокиот наратив на Кремљ со кој се сака да се оправда неиспровоцираната воена инвазија што Русија ја почна во Украина
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
СТРАТЕШКИ. Не боли, не пече; Ама ако сакаме да ги продолжиме интеграциите…#WeAreNATO #EuroAtlantic #ДоПоследногоСеверджiстанца
Украинската амбасада во Скопје ги повикува граѓаните на Северна Македонија да се приклучат во украинската војска.
Воедно сакаме да потсетиме дека Република Северна Македонија во целост ја осудува воената агресија на Русија врз Украина, и тоа соодветно земјава го демонстрира и во ОН, НАТО, ОБСЕ и на сите други билатерални и мултилатерални форуми, се наведува во соопштението од МНР од 9 март 2022 година.
Согласно горенаведеното македонските власти се имаат соодветно поставено во дадената ситуација, предупредувајќи ги своите државјани дека кога би заминале да учествуваат во странска војска дури и на пријателска држава, тоа би било кривично дело според македонскиот Кривичен законик.
Во објавата што ја рецензираме, не се наведува тој факт, односно фактот дека македонското МНР ги предупреди нашите државјани да не учествуваат во странска формација како и тоа дека украинската амбасада никогаш не го повтори повикот, односно ретерираше од барањето на македонски доброволци. Ниту, пак, македонски војници учествуваат на фронтот во Украина.
Вистиномер на 18 мај се обрати во Министерството за одбрана од каде ни одговорија дека С. Македонија нема свои војници во Украина.
Армијата на Република Северна Македонија во тековниот период има вкупно 185 свои припадници распоредени во мисии, операции и активности на НАТО, ЕУ и ОН. Најголемиот број на припадници и состави учествува во операцијата на НАТО, КФОР во Косово, каде покрај два воени состава во јачина на пешадиски вод имаме и штабен персонал, додека во активностите на НАТО за зајакната будност (EVA) во Романија и Бугарија со состави во јачина од по еден вод, како и зајакнато истурено присуство (EFP) во Летонија со едно одделение. Покрај ова учествуваме со еден вод во мисијата на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на ОН, УНИФИЛ во Либан со штабен персонал, одговорија од Министерството за одбрана за „Вистиномер“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Никаде во објавта не е наведено дека повикот на украинската амбасада не е нов и активен, туку стар и после него следуваше соопштение од МНР, а во Украина нема војници на С. Македонија па поради тоа не може да се направи ни пејоративната паралела „до последниот севержистанца“. Инаку тоа е дел од поширокиот наратив на Кремљ со кој се сака да се оправда неиспровоцираната воена инвазија што Русија ја почна во Украина.