Електро – поп бендот „Nipplepeople“ на 8 октомври ќе настапи на ПМГ Рекордингс фестивалот

На 8 октомври ќе се одржи 12-тото издание на ПМГ Рекордингс фестивал со наслов „Градот ме тера да пеам“. Со квалитетна музичка понуда и на два музички подиуми, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот.

На фестивалот ќе настапат и „Луфтханса“, еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Периодов го издаваат нивниот нов албум „Давор“ за ПМГ Рекордингс, а на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт и тоа за првпат во нивната куса, но возбудлива кариера.

Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и „Хајка“, младите битолчани „Cut Your Nipple“ и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6“.

Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage“, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.

ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа. „Градот ме тера да пеам“ е и наслов на компилација, која, како јубилејно 200то издание, наскоро ќе се појави на бенд кемп страната на „ПМГ Рекордингс“ и е достапна за слободно симнување: https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/gradot-me-tera-da-peam-pmgr200.