Експлодираше иранскиот нафтен танкер кој се запали во Кина

Кинеското министерство за сообраќај соопшти дека експлодирал иранскиот нафтен танкер кој претходно се судри со кинески товарен брод.

Според наводите на кинеските власти, спасувачките бродови кои беа во потрага по преживеани морале да се повлечат на безбедносна далечина.

Танкерот „Санчи“ со 136.000 тони лесна нафта се запали во саботата вечерта откако се судри со кинески товарен брод, на околу 300 километри од Шангај.

Од 32 членови на екипажот, 30 Иранци и двајца од Бангладеш, пронајдено е само едно тело, соопшти министерството.

Иранската компанија чиј танкер се запали соопшти дека се уште постои надеж да се најдат преживеани помеѓу оние кои се водат како исчезнати.