fbpx

Еколошката бомба во Лојане: Арсенот продолжува да ги труе жителите

Долгорочното решение за санација на контаминираните локации е отстранувањето и депонирањето на отпадот во депонија за опасен отпад, опција која е предвидена и во актуелната физибилити студија во Лојане, пишува Порталб

-

Северна Македонија никако да најде решение за чистење на рудникот за арсен и опасни минерали во селото Лојане. Проблемите со загадувањето и понатаму предизвикуваат штета врз животната средина и здравјето на жителите, кои после толку години се уморни од барање на решение за овој проблем. Долгорочното решение е отпадот да се депонира во депонии за опасен отпад, кои во земјава ги нема. Поради оваа причина, во владината процедура е давањето на концесијата за користењето на материјалните ресурси во Лојане, и доколку тоа не се реализира, од МЖСПП најавија дека ќе ги разгледаат можностите за едно трајно решение, пишува Порталб.мк.

Еколошка бомба

Жителите на селото Лојане рудникот за арсен, кој содржи и други опасни метали, го сметаат за еколошка бомба која им ја загадила почвата. Во меѓувреме, друг проблем е што поради арсенот жителите немаат вода за пиење. Еден жител на селото Лојане за Порталб.мк изјави дека не можат да се снабдат со вода од бунарите бидејќи водата не е безбедна за пиење.

„Водата од бунарите е испитана и содржи минерали, метали и арсен“, рече Шќипдон Реџепи.

Тој ни раскажа дека до денес никој не отишол во Лојане за да испита дали во крвта на жителите на ова село има метали.

„Сме имале многу случаи на болни од рак, веројатно како последица на арсенот.

Бараме што поскоро да се донесе вода за пиење и да се отстрани арсенот во рудникот, за да се заштити нашето село и околните села. Прашината со арсен се крева во воздухот, ја вдишуваат луѓето и животните и се лепи на дрвјата, зеленчукот и житарките што ги консумираме. Слушнав дека турски и германски инвеститори сакале да го купат депозитот за скапите метали, но политичарите сакале да придобијат од тоа“, рече Шќипдон Реџепи.

Жителите на ова село се загрижени и за здравјето на нивните деца, бидејќи основното училиште „Рилиндја“ се наоѓа во близина на депонијата, и тоа на само 100 метри.

Еден жител на Лојане истакна дека депонијата со арсен претставува ризик по здравјето на учениците бидејќи смрди, особено кога дува ветер, прашината полна со арсен ветерот ја носи во училиштето, но истата се шири и по нивите кај селото.

„Исто така, тоа има штетно влијание и на здравјето на целото население. Со години апелиравме до државните органи за да се најде решение за депонијата, а решение нема. Водата во селото Лојане е загадена со арсен. Во општината апелирав што поскоро да се изгради водоводот од браната во Ликово, поради тоа што во селото немаме чиста вода за пиење“, рече Арсим Зимери.

Како дошло до овој проблем?

За проблемот со арсенот во Лојане разговаравме и со професорот по микробиологија Ментор Зеќири. Тој ни објасни подетално за овој рудник. Ископувањето на минералите во рудникот за арсен во селото
Љојане со експлоатација на руди на хром, антимон, кој како компонента се комбинира со арсен, започнало од времето на Отоманската империја, потоа во времето на српско-хрватско – словенечкото кралство и се до 1966 година во времето на Југославија.

„Во 1966 година рудникот во Лојане бил затворен, но по затворањето останала оваа депонија која од тогаш па се до денес е опасност за оваа населба. Арсенот како многу отровен елемент е познат уште од античко време кога се подготвувале многу тешки отрови од арсенот. Арсенот е еден од најканцерогените елементи кој исто така е меѓу првите места на светската ранг-листа на канцерогени субстанции“, изјави Ментор Зеќири.

Тој нагласи дека денес, во модерно време, дозволените минимални концентрации на
арсен во водата се 0,01мг/литар.

„Пред депонирањето на материјалот, во депонијата беше главниот извор на вода „Врела“ кој ги снабдуваше жителите и земјоделските култури со квалитетна вода за пиење. За време на депонирањето оваа вода е загадена со арсен, како и околната почва и земјоделските култури. Арсенот лесно навлегува во подземните води и се поврзува со други отровни елементи, предизвикувајќи така загадување на селото Лојане од рудникот“, изјави Ментор Зеќири.

Вториот сегмент од загадувањето, како што рече, доаѓа од серпентините на ридовите, кои содржат антимон и арсен.

Се бара решение

Зеќири рече дека Владата на Северна Македонија треба да изработи акциски план за решавање на проблемите со депонијата во село Лојане.

„Повеќето обиди да се реши ова прашање беа неуспешни. Се надеваме дека што поскоро ќе имаме квалитетна вода за пиење, ова отсекогаш било наше главно барање. Арсенот продолжува да ја загадува населбата и целиот регион. Оваа депонија треба да се дислоцира и отпадот да се искористи во разни индустрии кои користат арсен како суровина“, рече микробиологот.

Од друга страна, од Еколошката организација „Слупчане“ потенцираа дека ниту една влада и локална самоуправа не успеале да го решат овој стар проблем.

„Самите ние сме виновни затоа што не презедовме сериозни чекори за овој проблем, сега проблемот мора што поскоро да се реши од новата влада и ова нека биде дел од првите 100 дена од владеењето, но и предизвик за следната локална власт“, рече Фејзула Арифи.

Министерството најавува „решенија“

Долгорочното решение за санација на контаминираните локации е отстранувањето и депонирањето на отпадот во депонија за опасен отпад, опција која е предвидена и во актуелната физибилити студија во Лојане. Меѓутоа, во Република Северна Македонија во моментов нема депонии за опасен отпад од овој тип.

Во овој контекст, од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за Порталб.мк соопштија дека поради интерес на инвеститорите, Министерството за економија ја започнало постапката за доделување на концесијата за депонијата, согласно Законот за минерални суровини. Решението на проблемот е дислокација на отпадот на друго место надвор од државата, за натамошното користење на металите што е предвидено како обврска на концесионерот. Какви било други привремени активности за покривање и оградување нема да го решат проблемот со загадувањето.

„Според информациите од Министерството за економија, во месноста „Лојане“, општина Ликово, започната е постапка за повторно доделување на концесијата за користење на минералните суровини, а подготвена е информацијата во врска со иницијативата за поведување на постапка за доделување на концесијата за користење минералните суровини во локалитетот Лојане, општина Ликово со Предлог – Одлука, која е во процедура на Владата“, соопштија од МЖСПП.

Оттаму додаваат дека по донесувањето на Одлуката за започнување постапка за доделување на концесијата за експлоатација од страна на Владата, следи формирањето на Комисијата и објавувањето на Јавниот повик за доделување на концесијата за експлоатација на минерали во Лојане.

„Доколку истото не може да се реализира, МЖСПП ќе ги разгледа опциите за трајни решенија преку средства од донатори и внатрешен придонес, како што е случајот со опасниот отпад во Охис“, заклучуваат од МЖСПП.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Седмоодделенците ќе учат од старите учебници, нови ќе се печатат в година

По неколкудневни разговори Министерството за образование и наука (MOН) и Бирото за развој на образованието (БРО) изнајдоа решение за непречена договорено е учениците од седмо одделение од 1 септември...