fbpx

Екологистите за Планот за чист воздух: Mногу „ќе“, a слаба реализација

-

Од Програмата за намалување на аерозагадување за оваа година, сè останува на „ќе“, стои во реакцијата на О2 Иницијативата на интервјуто на заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули за „Слободен печат“, во која тој тврди дека еко-активистите погрешно ги разбрале податоците со кои тој пред една недела излезе во јавноста за да го презентира што е сработено од владината програма за справување со аерозагадувањето наречена План за чист воздух и дека нема намалување на буџетот за оваа намена како што тврдат тие.

„Измените на Програмата за 2019, неисполнетите редица активности, нереализираните донации од донаторската конференција, немањето забрана за користење на јаглен, немањето закон за индустриски емисии, немањето потребни контроли на загадувачите, неисправните мерни инструменти, немањето јавен превоз кој нема да загадува, дивите населби и горењето кабли секојдневно, палењето отпад насекаде, на ниви, диви и градски депонии, итн. Да беше ова во приватна компанија до сега многу сликовито ќе му објаснеа дека ова е дебакл од неисполнување“, велат од О2 Иницијативата.

„Од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 со 2 милиони евра, нема НИШТО реализирано, објавена e само ЕДНА јавна набавка за која сè уште НЕМА склучен договор, во висина од 439 илјади евра за замена на греење во јавни објекти. При тоа, пренаменети се средства од оваа Програма за гасификација на болницата во Струмица, што требаше да се направи независно. Освен тоа, упорно се лиферува бројката од 20-ина милиони евра кои другите владини институции исто така ги намениле за намалување на аерозагадувањето ама кога ќе ги прашаш на што се потрошени тие 20-ина милиони евра, одговор нема“ пишува во реакцијата на О2.

Според оваа граѓанска иницијатива, Макрадули и самиот потврдува дека има пренамена на средствата, за ненаправена веб платформа за следење на имплементација на Планот за чист воздух и кампања за информирање, но не кажал дека не е направен ниту план за замена на постоечките нееколошки системи за греење во домаќинства и јавни објекти во најзагадените градови.

Макрадули објави дека ќе бидат набавени инвертери, топлински пумпи и сл. за домаќинства и јавни објекти во вредност од 64 милиони денари во сите општини а до денес е објавена јавна набавка за 26.76 милиони за измена на начинот на греење во јавни објекти, при што не се земени предвид Битола, Тетово, Куманово, Кичево, Струмица, Велес, Гостивар, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Кисела Вода, најзагадените општини, велат од О2 и заклучуваат – јасно се гледа дека на брзина менувале и одлучувале, без потпирање на вистински анализи и планови.

За нетранспарентниот начин на однесување на Владата по однос на борбата против аерозагадувањето, во однос на тоа дека не е направена алатка со која граѓаните ќе имаат можност на увид до каде е реализацијата на Планот за чист воздух, се огласи и креаторот на апликацијата Мој Воздух и еко-активист Горјан Јовановски.

„На отворениот ден во Владата во јануари дадов предлог до Владата за изработка на веб платформа каде што ќе може директно да се следи што и како се прави на оваа тема, со цел поголема транспарентност и политичка одговорност и тој проект беше прифатен, вели Јовановски и додава дека никој не го информирал зошто тој проект не се реализира.

„Гледам дека парите наменети за овој проект биле пренаменети за нешто друго. За изработка на веб платформа со цел транспаретност не треба многу пари, вели авторот на Мој воздух и додава дека секој практикант од ФИНКИ дури и бесплатно може да изработи интернет портал, на кој би можеле да се објавуваат потребните информации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопштија од претседателскиот кабинет. На средбата било констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани...