ЕК: На транспортниот сектор му недостигаат капацитети и политичка посветеност за реформи

Фото: Мета.мк

Кобната автобуска несреќа на македонскиот превозник „Беса Транс,“ која што се случи во Бугарија и при која што животот го загубија 45 лица од С. Македонија освен голема тага покрена и низа на прашања за сериозни недостатоци во превозот на патници за кои јавноста се уште нема одговор. Затоа пак, ЕК во својот Извештај за РСМ ги има нотирано сите слабости и задачи што стојат пред државата, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу ги пренесуваме во целост:

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција изјави дека автобусот кој се запали во страотната несреќа во Бугарија не бил пријавен во Министерството за транспорт и немал извод од лиценцата за вршење на дејноста. Ден потоа, на компанијата „Беса транс“ и се одзема лиценцата за работа односно и се забрани вршење на дејност.

Бочварски појасни дека во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз, но откако се добиени информации од МВР за опожареното возило, констатирано е дека тој автобус не бил пријавен од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

Во однос на надзорот и контролата на јавниот превоз тоа го има Државни инспекторат за транспорт. Согласно европските регулативи инспекторатите се извлечени од министерствата за да бидат посебен дел од ресорот кој што ќе ја контролира работата и на тоа што е издадено како документација, но и работата на терен, изјави Бочварски за Утрински брифинг.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека истиот автобус оваа и минатата година границата ја поминал 135 пати без важечка лиценца.

Освен лиценците, од истрагата исплива уште една нерегуларност. Овој пат во Царинската управа каде ниту еден од автобусите на „Беса транс“ не бил електронски евидентиран во системот кога ја поминувал границата на Македонија.

Двајца македонски царински службеници беа суспендирани, а нивниот шеф казнет, откако внатрешната контрола на Царинската управа утврдила дека на 18 ноември, од страна на царинските службеници, електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, а извршена е само заверка на евидентнтиот лист за превоз на патници.

 

Транспортна политика во ЕУ

Според правилата на Европската унија, доколку автобусот на Беса Транс немал валидна лиценца за превезување патници, тој не би смеел да премине граница на Европската Унија, во случајов Бугарија.

Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, според информациите што ги доби МИА, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата.

Транспортната политика на ЕУ има заеднички правила за техничките и безбедносните стандарди, безбедноста, социјалните стандарди, државната помош и пазарната либерализација во патниот сообраќај, железничкиот сообраќај, внатрешниот воден сообраќај, комбинираниот сообраќај, воздухопловството и поморскиот сообраќај.

Транспортот е вклучен во Кластерот 4 наречен Зелена агенда и одржлива поврзаност поконкретно во Поглавје 14 од новата Методологија за проширување на ЕУ според која државата добива Извештај за напредокот секоја година.

ЕК ги знае сите слабости на системот, јавноста дознава кога ќе се случи несреќа

Во последниот извештај, објавен во октомври оваа година, се вели дека државата е умерено подготвена во областа на транспортот, дека е постигнат ограничен напредок во извештајниот период и дека оперативните и административните капацитети за сите видови на транспорт остануваат слаби.

Со години, транспортниот сектор нема административен и оперативен капацитет и, особено, нема политичка посветеност за реализација на неопходните секторски реформи. Нема напредок во завршувањето на клучните секторски реформи и остануваат валидни препораките од претходните години, се вели во извештајот.

Во наредната година, Северна Македонија, според Европската комисија особено треба да:

  • Го зајакне оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и да го развие капацитетот за спроведување заради намалување на жртвите во патната и железничката инфраструктура;
  • Воспостави национален систем за континуирано собирање податоци за сообраќајни несреќи, и да ги финализира договорите/протоколите за граничен премин што се во тек;
  • Донесе законодавство за интелигентни транспортни системи (ИТС) и за комбиниран транспорт, и да вложи дополнителни напори за создавање стратешка рамка за спроведување на ИТС и основните мрежи.

Во Извештајот исто така се напоменува дека и Државниот инспекторат за транспорт треба да ги зајакне капацитетите за спроведување и техничките капацитети и дека е потребно и дополнително усогласување за казните за непочитување на Европскиот договор за работа на екипажите на возилата што вршат меѓународниот патен превоз (AETR).

Недостигот на инспектори го потврди и директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, кој изјави дека во моментов имаат само 12 инспектори, што е недоволен број за да се направи надзор на сите компании кои вршат превоз на патници и стоки во земјава.

Прашањето за за недоволната екипираност на овој инспекторат се постави и по несреќата со автобусот на „Дурмо турс“ што се случи кај селото Ласкарци во 2019 година при што загинаа 16 лица. Но, ситуацијата на терен е непроменета, пишува „Вистиномер“.