fbpx

Едни исти кругови се лепат како магнет за анти-ЕУ и антиваксерски наративи

Неретко станува збор за истите организации и луѓе, кои после пандемијата со коронавирусот одеднаш го пренасочија своето внимание врз новото поле на интерес – ширење евроскептицизам, пропаганда за оправдување на неиспровоцираната руска воена агресија врз Украина и обвинување на НАТО и Европската Унија

-

Структури кои во текот на ковид пандемијата жестоко споделуваа дезинформации за вакцините, маските, мерките за заштита од ковид и сето тоа го ставаа во еден кош на „глобална контрола на населението од страна на сатанистичкиот Запад и неговата агенда за депопулација“, не престанаа да шират невистини ниту по завршувањето на пандемијата. Тие само продолжија надградени со нов наратив за поддршка на Русија во војната со Украина, истовремено промовирајќи вакцинален скепцитицам во време кога епидемијата на пертусис во Скопје ги загрозува најмалите деца, пишува Вистиномер.

Анализата ја пренесуваме во целост:

 

Постои очигледен магнетизам меѓу структурите што шират антивакцинални дезинформации и оние кои се против ЕУ и НАТО, а понекогаш зборуваат и „со јазикот“ на Кремљ. Неретко станува збор за истите организации и луѓе, кои после пандемијата со коронавирусот одеднаш го пренасочија своето внимание врз новото поле на интерес – ширење евроскептицизам, пропаганда за оправдување на неиспровоцираната руска воена агресија врз Украина и обвинување на НАТО и Европската Унија за сè и сешто. Војната во Украина е добар повод да се прават обиди за ослабнување на довербата во Европската Унија, да се намалува довербата на граѓаните во здравствениот систем и да се креира антиевропско мочуриште од дезинформации.

Сега кога во земјава повторно се актуелизираат прашањата за вакцинацијата на децата поради прогласената епидемија со голема кашлица во Скопје, се чини дека овие искусни ширачи на „магла“ само се префлија од ковид дезинформациите, на војната во Украина и тоа со фокус на оправдување на Русија, а потоа и врз новонастанатата здравствена состојба со вакцинацијата на децата. Ова скокање од тема на тема, не е специфично само за Македонија, туку и за соседството. Аалитичарот Ѓорги Ауад за Еуроактив тоа пластично го сумира на следниот начин:

Прелистајте во историјата на нивните коментари да видите колку брзо се префрлуваат од антиваксерство во Путинизам. Ова е сигурен знак.

Ваквиот тренд се чини  е глобален. И австралиски антивакцинални групи се префлија на теории на заговори каде се возвишува руската инвазија врз Украина и се изразува воодушевување од Владимир Путин.

Сепак, аналитичари за Политико тврдат дека нема докази за директна координација меѓу Русија и групите што шират онлајн невистини, туку дека овие групи повеќе инклинираат кон антизападните наративи кои доаѓаат од Русија.

 

Исти профили шират дезинформации за вакцините и за ЕУ

Откако беше прогласена епидемија на пертусис, се засили мешањето на двете полиња на дејствување на едни исти Фејсбук профили – „против“ вакцини и ЕУ, а „за“ Русија. Некогаш ги мешаа темите до непрепознатлива бизарност.

Како поминува времето сè повеќе се уверуваме дека дигиталните војници биле во право. Ковид е измама, ова во Украина не е војна туку чистење на сатанистичката змија. Главата ѝ е отсечена, а Путин го чисти тоа зло. Сè повеќе луѓе ја споменуваат информацијата дека всушност се случува големо чистење. Ако некој биде уапсен на улиците од тие војски кои ќе ги бркаат тие лопови, преваранти на владите кои го спроведоа планот за депопулација, вакцините… Тие сите се издадоа. Сите кои го спроведоа ковид планот за депопулација го покажаа своето лице, докторите, полицајците, командирите, го гушеа народот, даваа маски, вакцини, препорачуваа вакцини, сите спортисти кои ги форсираа ковид отровните вакцини за убивање луѓе, владите кои правеа незаконски локдаун, апсеа осудуваа луѓе. Сите се издадени и сите се запишани. Одамна ја добив информацијата дека сите кои треба да се уапсат им се доставува барање сами да се предадат за 24 часа. Ако не се предадат сами, во текот на апсењето после 24 часа имаат право да го убијат ако бега.

Вака им се обрати на своите приврзаници на Фејсбук, главниот протагонист на Кју Анон во Македонија, кој се претставува под името Мајк Тајсон. Но, наспроти неговите тврдења, немаше никакви апсења на „длабоката држава”, исто како што немаше ниту ковид план за депопулација, а Путин почна неиспровоцирана воена инвазија врз Украина која уште трае…

Сепак, иако се во прашање дезинформции, вакви и слични приказни се множат.

На слични профили се претставува Путин како победник во војната што ја почна во Украина, додека СЗО се обвинува за „тероризам“ зашто препорачува вакцини против болести. На овие профили од напади не куртулија ниту медицинските професионалци во државата, кои се трудат да ја подигнат јавната свест за тоа зошто вакцинацијата е неопходна за да се искоренат вакцинопревентабилните болести. Тие се клеветени дека се „убијци“ од страна на истите неидентификувани профили кои шират симпатии кон Путин.

Впрочем, од истите профили каде се шират дезинформации и сомнежи кон вакцините кои спасуваат од болести, се кажува и дека „Македонија има алтернатива“, а таа не е ЕУ и НАТО.

Дополнително, се филуваат теориите на заговор дека големата кашлица е „виртуелна“ и дека е подготовка за одземање на децата во иднина. Ваквите наративи на исчекување на најлошото, заговорнички целат да сејат страв кај граѓаните од нешто што никогаш нема да се случи.

Во какофонијата не се кријат ниту анти-ЕУ сентиментите проследени со навреди:

Заедничко за овие објави е што се префрлуваат од тема на тема, но наративот е истиот – против вакцините, против ЕУ и за оправдување на Русија.

 

Антиваксерските профили сега навиваат за Русија

Војната на информации се одигрува во реално време. Големи, организирани онлајн групи кои претходно ги туркаа теориите на заговори за коронавирусот, сега ја претставуваат руската инвазија во Украина како да се одигрува меѓу „доброто момче Москва“ и „лошиот Киев и неговите западни поддржувачи“.

Крајно десничарски групи во Франција, Германија и САД, кои беа гласни противници на рестрикциите и мерките за време на ковид-19, се шампиони во ширењето дезинформации во кои се манипулира дека „НАТО ја поттикнал руската инвазија врз Украина“, пишува Политико.

Тоа, како што може да се види од претходниот пост, ваквата дезинфо практика не ја одминува С. Македонија. Не е реткост профили од кои во текот на пандемијата со коронавирусот се споделуваше вакцинален скептицизам и бесмислици, сега да се ориентираат на други конспирациски тематики.

 

Проруската Родина против задолжителната вакцинација на децата

Политичката партија Родина, го честиташе реизборот на Владимир Путин за претседател на Русија во соопштение каде наведе дека „искрено се надеваат и очекуваат дека со изборот на Путин ќе се заокружи и процесот на конечниот триумф на слободољубивите народи над светскиот фашизам“. Претходно имаа реакција поради одлуката во градинките да не се примаат невакцинирани деца против пертусис со наративот дека тоа е дискриминација, но не пропуштија да го вклучат некако и Западот и да го сатанизираат. Членови на партијата беа и јавно прозвани за намалување на довербата во вакцините, но тоа воопшто не влијаеше на увереноста на дел од членството дека им „ја вршат работата на новинарите“ и ги освестуваат за нивните основни човекови права и слободи?!

Ги повикуваме политичките партии, на кои им е полна устата со ЕУ, а во ЕУ вакцините се препорачани, да застанат во одбрана на основните човекови права, меѓу кои и правото на информирана согласност при медицинска интервенција. Бог го создал овој свет совршен и човекот налик на него. А паднатиот сака на тоа да му додаде несовршена западна природа, пишува во реакцијата на Родина.

Сепак, законот во земјава налага задолжителна вакцинација против одредени болести, за што е изготвен календарот за задолжителна имунизација.

 

Антивакциналните кругови со поддршка за Путин

Забележливо е дека профили од кои во текот на ковид пандемијата жестоко се споделуваа дезинформации за постоењето на коронавирусот, вакцините, маските, мерките и сето тоа го ставаа во еден кош на „глобална контрола на населението и агендата за депопулација“, истите не престанаа да го надградуваат својот наратив, дури и кога епидемијата против пертусис ги загрозуваше најмногу најмалите деца.

Во јавните настапи повторно се сатанизираше Западот како „цензор“ и „неслободоумен“, а оние кои работат на демистифицирање на структурите што се залагаат да внесат сомнежи за вакцините во државата, се претставуваа како жртви.

Правецот и линијата на Путин им се допаѓа на оние кои ги минаа минатите години протестираа против вакцините за ковид. Тоа е истиот наратив, истото раскажување, истото убедување дека мејнстрим медиумите лажат, Владата лаже, дека само тие знаат што е вистина, а се додаваат и термини „глобалисти“ и „сатанисти“ и се создава намерна и свесна поларизација во која едните се добрите, а другите се ѓаволот.

Дезинформациите и теориите на заговор од секаков вид поврзани со вакцините кои се ширеа за време на ковид пандемијата, од кои најизразени беа тие дека вакцините предизвикувале мноштво болести, имаа влијание и врз довербата во вакцините генерално. Падот на вакциналниот опфат и појавата на епидемија на голема кашлица, покажува дека  дел од родителите ја загубиле вербата во детските вакцини кои своевремено и самите ги примале, и токму затоа што ги примиле како деца до денеска се заштитени од болести.

Лагите дека ковид „боцката”, како што ја нарекуваат антивакциналните движења, предизвикувала карцином, ненадеен синдром на смрт кај новороденчињата и други апсолутно паушално нафрлени дијагнози кои не е докажано дека настануваат како последица на вакцините, ги исплашија родителите. Њујорк Тајмс ја нотира оваа последица на ковид дезинформациите кои ги радикализирале родителите во Северна Америка да ја одбиваат и детската вакцина, игнорирајќи ја опасноста од сериозни последици по здравјето на нивните деца.

Уште во 2019 година, пред да почне пандемијата со ковид, СЗО го наведе двоумењето за вакцинација како една од десетте закани по глобалното здравје. Оттаму честопати го нарекуваат „инфодемија“, конгломератот дезинформации што придонесуваат за ова двоумење. Инфодемија е планина на неточни и флагрантно конспирациски информации за болестите и за вакцините коишто спасуваат животи и придонесуваат луѓето да избегнуваат животоспасувачки медицински практики. Сега пандемијата им даде на антивакциналните кругови можност да тестираат многу вакви наративи и да регрутираат нови регрути. А една од антивакциналните пораки која се чини исклучително примамлива, е таа дека вакцините се атак врз слободата.

Иако пишуваме за антивакциналното „движење”, сепак нема едно единствено движење, туку повеќе и со расцепкани интереси. Едни велат дека не се антиваксери туку дека се за тоа да има избор, други велат дека се безбедна вакцинација, некои пак, се само скептици. За некои можеби ова е начин на заработка ако промовираат дека вакцината е опасна. За земји како Русија, вакцините се уште еден таргет за информациска војна. За обичните граѓани кои потпаѓаат на теории на заговор, дезинформациите за вакцините може да се начин да го објаснат светот, иако објаснувањата се често ноќна мора и бизарни. Дури и да не се мотивирани од лоши намери, овие фракции прават штета и несомнено се преплетуваат во едно мочуриште каде има за секого по нешто. И за оние кои целат кон намалување на довербата во ЕУ и НАТО, и за оние кои придонесуваат за здравствени катастрофи уверени дека го застапуваат „правото на избор“.

Пишува: Мирослава Симоновска

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...