Слободата на вероисповест и на изразување на верската припадност без никакви притисоци, претставува цивилизациска придобивка, која е составен дел на речиси сите меѓународни конвенции што се однесуваат на човековите слободи и права, се вели во реакцијата на ДУИ за протестите против најавите за изградба на џамија во Крива Паланка.

„ДУИ смета дека тензиите во Крива Паланка се непотребни, особено затоа што тие се мотивирани за да предизвикаат верска нетрпеливост во оваа средина. Спротиставувањето на изградбата на еден верски објект на муслиманската заедница се случува во една средина каде верската разноликост треба да се смета за богатство, а не за хендикеп во односите меѓу луѓето со различни идентитети“, се вели во соопштението од партијата.

Од ДУИ велат дека ваквите настани не одат во прилог на Македонија на патот кон европските интегративни процеси и апелираат сите недоразбирања од меѓуверски и од меѓуетнички карактер да се решаваат преку институциите на системот и преку дијалог меѓу граѓаните.