Државата се заложи да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Министерството за животна средина и просторно планирање ја достави својата втора национална заложба за климатска акција пред Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), со што се заложи да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030, споредбено со нивото од 1990 година.

„Република Северна Македонија постави навистина амбициозни климатски цели за нашите Национални придонеси за координиран и кохезивен одговор на климатските промени од страна на Владата и општеството. Постои јасна и профитабилна можност за намалување на емисиите на стакленички гасови како централен елемент на зајакнатите Национални придонеси. Со тоа ќе се овозможи земјата да мобилизира значителен капитал далеку над националниот буџет,“ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Меѓу клучните компоненти од македонската заложба се 63 политики и мерки кои ќе го отворат патот кон декарбонизација на целата економија, поткрепени со силна економска логика која покажува намалени трошоци во споредба со тековните економски политики.

Освен ова, државата се заложува за адресирање на социјалниот аспект преку создавање на речиси 8.000 зелени работни места до 2030 година, од кои барем 27 отсто ќе им припаднат на жени. Исто така, се потенцира доминантната улога на приватниот сектор кој учествува со 85 отсто од целосната инвестиција потребна за реализација на мерките и политиките во индустрискиот сектор.

Меѓу другото, предвидено е поместувањето кон циркуларни економски модели кое може да ги намали емисиите за 951 Gg CO2-eq годишно, да создаде 2.740 нови работни места и да генерира 47,17 милиони евра во економијата до 2030 година – доволно за да биде контратежа на емисиите од отстранувањето на цврстиот отпад и емисиите од индустрискиот и секторот за процесирање на отпад.

Исто така, дел од заложбата е и воведување на индикатори за род во дел од политиките и мерките со цел посоодветно да ја адресираат родовата компонента на климатските промени, како и примена на иновативен виртуелен пристап за младинска консултација кој обезбеди гласот на младите да биде преточен во Националните придонеси.

„Овозможувањето на зелено опоравување од ковид кризата преку амбициозните Национални придонеси е централен елемент од поддршката која УНДП ја нуди во справувањето со климатските промени. Со поддржување на енергетската транзиција ќе покажеме дека е возможно да се намалат емисиите на стакленички гасови и воедно да се оживее економијата,“ вели постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.

Според договорот од Париз од 2015 година, земјите се согласуваат да развијат заложби за климатска акција, исто така познати како „национални придонеси“ („Nationally Determined Contributions – NDS“), кои заедно ќе помогнат во справувањето со глобалното затоплување. Договорот исто така ги повикува земјите да ги ревидираат и зајакнат нивните придонеси еднаш на пет години.