Дојави за поставени бомби попладнево стасаа во 12 скопски училишта

Фото: Фејсбук профил на О.У. „Дане Крапчев“

На електронските адреси на 12 училишта во Скопје попладнево е упатена закана за поставена експлозивна направа, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР). Веднаш по добиените пријави полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите. Од тие 12 училишта, пет се основни училишта во Гази Баба. Информацијата ја потврди градоначалникот на општината Бобан Стефковски.

„Со жалење сакам да ја информирам јавноста дека пред 10 минути во општинските основни училишта „25 Мај“, „Дане Крапчев“, „Григор Прличев“, „Кирил и Методиј“ и „Крсте Мисирков“ се пристигнати дојави за поставени бомби“, напиша тој на својот профил на Фејсбук.

Тој информира дека биле спроведени сите безбедносни протоколи, направена е евакуација и сите деца се на безбедно. Случајот е пријавен во МВР и се очекува да се проверат дојавите.

„Сакам да изразам најостра осуда кон испраќачите на овие дојави и барам од институциите час поскоро преку превземање на сите мерки кои им стојат на располагање да стават крај на ваквите појави“, напиша тој.

Денеска дојава за поставена бомба имаше и во училиштето „Св. Наум Охридски“ во Охрид, за која подоцна МВР информираше дека е лажна.

Вчера првпат дојави стасаа и во училишта во Прилеп. Вчераутро, дојави стасаа и во училишта во Скопје, Тетово и во Битола.